Со голема тага се простуваме со Есма Реџепова- одржана комеморативна седница
Во салата на Советот на Град Скопје денеска се одржа комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина во саботата по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст.
На комеморативната седница присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за култура, Елизабета Канческа – Милевска, претставници на голем број институции, членови на семејството, како и повеќе пријатели, уметници и музичари.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, кажа дека денеска тука се оддава почит на кралицата на ромската музика, на националниот уметник, но и на една голема хумана личност, Есма Реџепова-Теодосиевска.
Градоначалникот Трајановски кажа дека со голема тага се простуваме со Есма Реџепова-Теодосиевска, голем човек и многу позитивна личност и хуманист.
– Есма беше наша кралица на ромската и на македонската музика, но и кралица на хуманоста и една од најголемите претставници на Македонија во светот. Со голема тага можам да кажам дека изгубивме голем човек и сакам да го изразам моето сочуство до нејзиното семејство – кажа Трајановски.
Уметникот и директор на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев кажа дека Есма Реџепова-Теодосиевска беше врвен естраден уметник над 50 години, јубилеј што ретко кој може да го оствари.
– Таа беше неуморна на музичката естрада, како гласовен гениј од негуван во неприкосновен добродетел на врвна уметничка креација. Есма владееше со волшебниот клуч на комуникацијата, срцето, емоциите и страста, па така разгорени истите ги пренесуваше на публиката од Македонија, Балканот и од целиот свет. Таа со неподнослива леснотија ги интерпретираше ремек-делата на македонскиот и на ромскиот дух. Кралицата на ромската песна тоа го достигнуваше со маестралната изведба на гласот, нејзиниот глас излегуваше од дното на душата и со својата сила успеваше да ги расплаче и најтврдите срца – кажа Џорлев.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и преостанатите присутни се потпишаа во книгата на жалост. Книгата на жалост ќе биде отворена за јавноста до среда, секој ден од 08:30 до 16:30 во холот на Салата на Советот на Град Скопје (ул. Илинден бр. 82, барака 13).
Есма Реџепова-Теодосиевска е родена во Скопје на 8 август 1943, а нејзината богата музичка кариера траеше над 55 години, во кои има одржано повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, а има издадено над 60 албуми. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Есма Реџепова-Теодосиевска од граѓаните на Скопје 3 пати по ред беше избрана за член во Советот на Град Скопје (2005, 2009 и 2013 година).
Ново на Сител
-
Седуммечесно бебе починало на Детската клиника во Скопје, директорот вели дека имало здравствени проблеми
-
Финансиски соработник во СОЗР осомничен за злоупотреба на службената положба, 23 други лица осомничени за прикривање
-
Сијарто: На Украина и треба примирје, а не дополнително вооружување
-
Совети за поцврста врска
-
Горивата поскапуваат од половина до еден денар по литар
-
Мицкоски: За неполни шест месеци почнати осум нови инвестиции вредни над 700 милиони евра
-
ЗНАМ ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и црвените линии
-
ЕУ го усвои 15. пакет санкции против Русија