Курц: Со фер избори и итните реформски приоритети до преговори со ЕУ
Спроведувањето на слободни и фер избори заедно со имплементација на итните реформски приоритети ќе и овозможат на Македонија да се врати на патот кој ќе ја води кон отворање на преговори за членство во ЕУ, изјави денеска во Скопје шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц по средбата со неговиот македонски колега Никола Попоски.
- Се надевам дека ќе успеете да направите важни реформски чекори пред се во правец на зајакнување на правната држава и она што сега е нужно, а тоа се слободни и фер избори кои треба да се спроведат. Доколку тоа успее, тогаш Македонија се наоѓа на добар пат кон ЕУ и секако ќе има и отворање на преговорите. За мене е тоа исклучително позитивно и коректно, рече Курц, изразувајќи поддршка за македонската евроинтеграција.
Австрискиот дипломат во таа насока истакна дека на денешната средба двете земји усвоија Акциски план за соработка за 2017 година кој се однесува на интеграцијата во ЕУ, соработката во Берлинскиот процес, како и во рамки на претстојното австриско претседавање со ОБСЕ во 2017 година.
Австрискиот министер за надворешни работи уште еднаш се заблагодари за активностите на Македонија за затворање на балканската рута за мигрантите што, како што рече, значително го намали притисокот врз австриската граница.
Министерот Попоски истакна дека Македонија е благодарна за австриската поддршка во процесот на евроинтеграцијата.
- Ние сме благодарни на поддршката која Австрија ни ја дава на патот кон ЕУ. Ова е многу значајно бидејќи се работи за наш највисок стратешки приоритет. Австрија е силен и убедлив поддржувач на овој пат и се надеваме и работиме интензивно во што е можно пократок временски период да отпочнеме процес на преговори со посебен фокус на фундаменталните поглавја 23 и 24 од преговорите, рече Попоски.
Оптимизмот дека по спроведување на кредибилни избори ќе можеме да ги отпочнеме преговорите за членство и покрај блокадата од Грција поради спорот за името, Курц како што рече ги темели на позитивниот развој во Грција и заинтересираноста на Атина за стабилна Македонија.
- Оптимист сум бидејќи извештајот на ЕК не покажува само слабости и потребни рефомски проекти, туку и напредок. Добро е што имаме позитивен развој и во Грција. Секако прашањето за спорот со името не е решен, но сепак во Грција постои интерес за стабилна Македонија и приближување кон ЕУ и тоа многу високо го ценам. Доколку овие избори се фер и бидат коректно спроведени тогаш тоа е чекор кој ќе се земе предвид од земјите членки на ЕУ во позитивна смисла, рече шефот на австриската дипломатија.
Во однос на мигрантската криза Попоски рече дека двајцата разговарале за различни можни сценарија и оти нема да дозволат да се повтори хаотичната ситуација од 2015 година.
- Мораме заедно да бидеме подготвени за справување со сите можни сценарија со цел да обезбедиме хуман и безбеден третман на мигрантите и бегалците, но од друга страна да обезбедиме исто така и сигурност и стабилност во самата ЕУ како зачувување на Шенген зоната, рече Попоски.
Курц посочи дека очекува границата во Македонија како дел од Западно-балканската мигрантска рута да остане затворена и оти во случај на нарушување на догорот на ЕУ со Турција, од посебно значење за Виена е овде да има јасна политичка линија.
На новинарско прашање за неговото присуство на синоќешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, министерот Курц истакна дека тука нема ништо спорно и дека бил присутен во својство на член на Европската народна партија како сестринска партија. Тој подвлече дека стои зад секој свој збор и оти ги повикал граѓаните на Македонија да излезат на избори, а за кого ќе го дадат својот глас решаваат само и единствено тие.
Ново на Сител
-
Алкалоид осминафиналист во Европскиот куп
-
Во Грузија и вечерва продолжија антивладините протести
-
ФФМ: Одложени натпреварите од 17. коло во ПМФЛ
-
Семејна драма во Штип: Мајка ја нападнала ќерка си
-
Поради снег забрани за тешки товарни возила на патот Кичево - Охрид и кај Плетвар
-
Малолетник од Скопје со нож се заканувал на соученици
-
Прегазен пешак во Битола, итно пренесен на Клиника
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје