Македонија
29. September 2016 - 14:52

Студенти од цела Европа во Охрид ќе се запознаваат со македонската култура

Повеќе од 150 студенти од триесеттина европски држави ќе бидат дел од проектот „OHRID Jam“ за културна размена што во организација на Меѓународната студентска организација „Борд на европски студенти по технологија (БЕСТ)“ од утре до 3 октомври ќе се одржува во Охрид.

Во рамки на проектот студентите од цела Европа ќе имаат можност преку најразлични активности поблиску да се запознаат со македонската култура и традиција. Предвидени се прошетки и истражувања низ градот Охрид, интернационална вечер, крстарење по Охридското Езеро, а пред се, да се дружат и разменуваат искуства со македонските студенти.

БЕСТ е непрофитна и неполитичка организација, која на студентите им дава можност да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Нивна интенција е континуирано да придонесува кон зближување на студентите од цела Европа, преку најразлични настани како академски курсеви, работилници и културни размени.