Кабинет на Иванов: Досега нема поднесено барање за поништување на помилувањата

Досега нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување од лицата чии помилувања не беа поништени со новата одлука на претседателот, потврдуваат од кабинетот на Ѓорге Иванов.
Претседателот Иванов денеска ги повикал сите кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.
- Поништувањето на одлуките за помилување се однесуваше на политичарите што беа опфатени со помилувањето. Законот овозможува за сите други лица да си поднесат барање, како што претходно изјавуваа дека се подготвени. Јас се уште ги очекувам нивните барања, изјави претседателот Иванов.
Согласно новите измени на Законот за помилување, што Собранието ги изгласа на 19 мај, лицата помилувани од страна на Претседателот, имаат можност самостојно да поднесат барање за поништување на нивните помилувања, по што, шефот на државата има временски рок од 30 дена да постапи по нивните барања.
Иванов, согласно измените на Законот за помилување, ја поништи аболицијата на дваесет и две лица, главно политички експонирани, меѓу кои поранешен претседател, министри, функционери во полицијата, лидери на политички партии, поранешни и актуелни градоначалници.
Од останатите триесет и тројца кои не се опфатени со оваа одлука на Иванов, ниту еден досега до кабинетот нема поднесено барања за поништување на помилувањето.
Со измените на Законот, како што е наведено во соопштението, се отвора можност за поништување и на претходно донесени одлуки за помилување.
Се посочува дека лидерот на СДСМ Зоран Заев иако јавно најави дека ако постои правна можност ќе бара повлекување на аболицијата за случајот „Глобал“, се уште нема поднесено такво барање и покрај што измените на Законот за помилување го овозможуваат тоа.
- И аболицијата од 2008-ма ако ми се даде можност веднаш ќе побарам да биде повлечена или ако има било каква можност Ѓорги Иванов или било кој во оваа земја барам да биде укината. Затоа што законот мора да важи поеднакво за сите во Република Македонија, изјави Заев на 19 мај.
Што се однесува до оние 12 лица кои претходно веќе побраа претседателот Иванов да ги поништи нивните помилувања, доколку навистина го сакаат тоа, како што и јавно најавуваат, ќе мора повторно да поднесат нови барања. Имено, по старите барања претседателот не може да постапи, бидејќи се поднесени пред донесувањето на законските измени, односно во услови кога не постоеше правна можност за поништување на одлуките.
Пред измените на Законот, поништување на нивните помилувања побараа 12 лица: Никола Груевски, Зоран Заев, Трајко Вељаноски, Бранко Црвенковски, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески, Божидар Јанковски и Владимир Тодоровиќ, посчуваат од кабинетот на претседателот Иванов.
Ново на Сител
-

Кривичниот суд се соочува со кадровски дефицит - фалат судии, поротници, административци и помошен персонал
-

Специјалци на терен, претреси на околу 30 локации: Во тек голема акција на МВР
-

Верверичките ѝ помагаат на науката во проучувањето на еволуцијата на животните во градот
-

„Макфест“ годинава на 30 и 31 октомври, 41.издание на Фестивалот на забавни мелодии
-

Нов пораз на македонската фудбалска репрезентација, совладана од Словенија
-

За „Пулс“ досега изведени 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица - не е одложено ниту едно рочиште
-

Отстранет двоглавиот орел од Кораб, на местото повторно се вее македонското знаме | ФОТО
-

Во руски воздушни напади врз Киев и околината загина дете, петмина ранети
