Балкан
20. April 2016 - 8:31

Николиќ: Србија нема да влезе во ЕУ, ако мора да го признае Косово

Србија сака да биде членка на ЕУ, но бара од Брисел никогаш да не ја условува со признавање на независноста на Косово, изјави српскиот преседател Томислав Николиќ. 

- Нема да бидеме членка на каква било унија која ќе бара нешто такво од нас. Благодарен сум им на сите држави кои не го признаа Косово, рече Николиќ.

Како што јави српската државна телевизија РТС, Николиќ изјави дека независно од тоа дали некому му се допаѓа ЕУ онаква каква што е сега, сите мора да бидат свесни дека во моментов „подобра Европа нема“. 

- Опкружени сме со Европската унија и сакаме државата да ја средиме на начин на кој се средени земјите од ЕУ. Тешко дека членките на ЕУ ќе постигнат консензус околу нашето членство, ни ние сепак преговараме, изјави Николиќ.