Улогата на Меланија Трамп во трката за претседател на САД
Политика - Белград
Ако го погледнете начинот на кој републиканските кандидати се однесуваат кон жените во предизборната кампања, попрво би рекле дека жените во САД се уште не се избориле за право на глас, а не дека една Американка има многу сериозни шанси да стане претседателка на најсилната држава во светот.
На претендентите за номинација на Републиканската партија жените им служат за меѓусебни судири, при што за нив се зборува како за лесни жени или верни сопруги, мисици или многу грди жени, објект кој оди покрај машкиот кандидат и поради кој тој треба да се срами или гордее, но никако не и како за лица со достоинство и личност независна од мажите.
Трендот достигна врв изминатите денови со нападите на Доналд Трамп врз сопругата на Тед Круз, која според него, не е доволно привлечна, посебно кога ќе се спореди со неговата сопруга, поранешната манекенка Меланија Трамп.
Се почна од поранешниот сопственик на лиценцата за избор на мис, кој лани ја навреди водителката на „Фокс њуз“, Меган Кели, тврдејќи дека му поставила непријатни прашања бидејќи била во месечниот циклус. Новинарката се најде на удар само поради тоа што најпопуларниот републиканец во текот на ТВ дебатата го потсети дека некои жени јавно ги нарекувал „многу грди жени‟ и „дебели свињи‟.
Критиката не само што не вроди со плод, туку го поттикна милијардерот да каже за тогашната партиска ривалка Карли Фиорина дека веројатно никој нема да гласа за „ова‟, мислејќи на нејзиното лице и сведувајќи ја целата нејзина личност само на нејзиниот, според него, непривлечен анфас.
Пред неколку дена во сексистичкото оро се фати и Тед Круз, кој, бранејќи ја сопругата од Трамп, ја наслика таа иста сопруга само во црти кои лично му значат, не наведувајќи дека таа можеби има некоја вредност независно од него.
На ова се надоврза една организација која е против номинацијата на Трамп, која објави навредлива реклама во која Меланија Трамп директно ја нарече лесна жена која не е прикладна за прва дама. Прикажана е разголена фотографија на тогашната манекенка објавена во еден магазин, а потоа следеше пораката: „Запознајте ја Меланија Трамп, вашата идна прва дама. Или поддржете го Тед Круз‟.
Иако организацијата која го плати огласот не е формално поврзана со изборниот штаб на Тед Круз, немаше сила што ќе го убеди Трамп дека токму Круз, неговиот најлут конкурент, не наредил Меланија да се оцрни.
Иронично е дека Трамп се побуни против етикетирањето и злоупотребата на жените во кампањата, кога и самиот тој го прави истото. Имено, по расправијата со Меган Кели, објави нејзини провокативни фотографии (кои ги снимила за еден магазин) и ги ретвитуваше пораките на корисник на Твитер во кои пишува дека „наведената водителка е лесна жена‟.
Милијардерот од Њујорк сега му порача на „лажливиот Тед‟ да не ја меша Меланија, во спротивно тој ќе открие мрачни тајни за Хајди Круз. Не објасни на што мисли, но се знае дека претходно веќе алудираше на депресијата низ која минала сопругата на сенаторот од Тексас.
Следеше нов противудар на социјалните мрежи. Трамп една до друга објави фотографии на Меланија и Хајди и напиша: „Фотографијата зборува повеќе од 1.000 зборови!‟. Пораката која се обиде да ја прати на гласачите е дека тој би бил далеку подобар претседател на државата, бидејќи има многу поубава сопруга.
Круз се обиде да ја одбрани сопругата забележувајќи дека таа „е љубовта на неговиот живот‟ и „неверојатна мајка‟, со што имплицираше не само дека Хајди Круз вреди затоа што е негова сопруга и мајка на неговите деца, туку и дека Меланија Трамп веројатно не е вредна за пофалби ни на едно од тие две полиња.
Така ривалите од редовите на републиканците успеаја за кратко време да го злоупотребат изгледот и здравствената состојба на своите сопруги, но и на други жени. Интересно е, забележува „Њујорк тајмс‟ дека никој од нив не наведува дека Меланија Трамп е деловна жена која зборува неколку јазици, додека Хајди Круз завршила мастер на Харвард и работела во владата на Џорџ Буш, а била и директорка во Голдман Сакс.
Трамп многу пати ја искористи убавината и младоста на својата словачка сопруга, за да се претстави како алфа мажјак и победник во сите сфери на животот, па така и во политиката.
Добро е што Фиорина едно време се тркаше за номинацијата на републиканците бидејќи така тие имаа макар една жена која „беше кандидат, не само сопруга и мајка, не само лице и тело, не предмет, туку личност‟, заклучува њујоршкиот весник.
За Хилари Клинтон која се трка за номинација на Демократската партија, шовинизмот во редовите на републиканците е подарок од небото. Иако нејзиното феминистичко кредо повеќе пати е крајно оспорено, сигурно е дека за многу припаднички на нејзиниот пол таа ќе биде поприфатлива од мизогените машки кандидати.
Анкета на Си-Би-Ес њуз покажа дека 55 отсто жени би гласале за Хилари Клинтон, додека само 35 отсто за Трамп, ако нивните имиња бидат на избирачките листи во ноември. Токму можниот бојкот на женските гласачи е една од причините поради која републиканскиот естаблишмент не сака да ја предаде номинацијата на Трамп.
Кристин Метјуз, советничка на оваа партија, вели дека првпат многу женски гласачи на Републиканската партија ќе го променат политичкиот дрес: „Порано изјавуваа: Никогаш не би гласала за Трамп, а сега: Можеби ќе морам да гласам за Хилари Клинтон‟.
Ново на Сител
-
Вучиќ утре ќе разговора со Путин
-
Зеленски: Украинците сакаат мир, но не и по цена да се откажат од Украина
-
Земјотрес од 6,3 степени го погоди Чиле
-
Додик по средбата со Вучиќ во Белград: Бошњаците од Сараево сакаат воен судир во БиХ
-
Жена со автомобил удрила малолетник на пешачки и избегала
-
Жителка на Белгија ограбена на Бит Пазар
-
Почна судскиот процес против Мерко за незаконско поставување директор на ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга
-
Му договориле лажна средба со девојката, па го однеле во куќа каде го претепале