Преглед на вестите од светот
Студентската листа го номинираше Радомир Саичиќ за свој кандидат на изборите за претседател на Србија, закажани за 27 декември. Тој е академик и редовен професор на Хемискиот факултет во Белград.
Во краткото обраќање до јавноста, 65-годишниот Саичиќ порача дека е време да се врати достоинството на претседателската функција.
„Режимот што заминува сè уште се обидува да ја поткопа нашата држава. За да го спречиме тоа, мораме повторно да ги изградиме институциите што режимот ги злоупотребуваше. Собранието, Владата и судовите мора повторно да ја заслужат довербата на народот. Истото важи и за институцијата Претседател на Републиката. Со години, претседателската функција се користеше за продлабочување на поделбите, а уставните овластувања беа пречекорени. Време е да му се врати достоинството на кабинетот на претседателот на Србија“, изјави Радомир Саичиќ.
Во пошироката јавност стана познат за време на студентските протести, кога јавно ги поддржа барањата на студентите. Беше критикуван од провладините таблоиди откако, заедно со уште 24 академици, потпиша петиција со која се бараше оставка од тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.
На парламентарните избори одржани на 25 октомври, Саичиќ беше на 91. место на изборната листа „Студентска листа“ и беше избран за пратеник во 15. состав на Собранието на Србија.
Вонредниот самит на ЕУ во Брисел заврши без договор за следниот седумгодишен буџет на Унијата во периодот од 2028 до 2034 година. Земјите членки не успеаја да постигнат компромис околу вкупниот износ на буџетот, приоритетите за финансирање и новите извори на приходи, со кои Унијата би финансирала дел од своите амбиции, без значително да ги зголемува придонесите на земјите членки.
Преговорите траеја повеќе од 10 часа. Иако разговорите требаше да продолжат и денеска, кратко по полноќ, лидерите на ЕУ ги прекинаа и најавија нова рунда преговори за средината, 17 и 18 декември.
-Денешните разговори беа корисни, но претстои уште многу работа. Сега сите делови од сложувалката треба да се склопат. Ова ќе биде предизвик, но сите знаеме дека ни е потребен договор за европските средства, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
На средбата се разговараше и за нов заем за Украина во висина до 45 милијарди евра за 2027 година, при што Унгарија, Словачка и Чешка изразија противење. Единственото прашање што лидерите успеаја да го затворат на самитот беше номинацијата на Шпанецот Пабло Ернандез де Кос за нов претседател на Европската централна банка на местото на Кристин Лагард.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
