Светски форум за ориентален тутун во Прилеп - како да се зачува тутунопроизводството наспроти строгите правила на СЈО
Во Прилеп се одржува Форум за ориентален тутун во организација на Меѓународната асоцијација на одгледувачи на тутун (ITGA) и Сoјузот на производители на тутун – „Мака на тутуноберачите“ – Прилеп. Присуствуваат претставници на 12 држави членки на Светска и Европската асоцијација на држави производители на тутун ( ITGA и UNITAB ). Целта е дебата околу тоа како да се задржи производството на тутунот, кое е од исклучително економско значење, наспроти строгите правила на Светската здравствена организација.
„Главната цел на UNITAB е да го застапува интересот на тутунопроизводителите во Европа. Сите знаеме дека тутунот е политичко прашање во Европа, токму затоа се обидуваме да ги убедиме политичарите дека ние сме законски дел од земјоделството, дека произоведуваме висококвалитетен производ кој што е нашироко и надалеку познат. Европскиот тутун е познат низ целиот свет“, вели Пшемислав Новорита, генерален секретар на UNITAB.
„Тоа што ќе спречиме, или ќе се намали садењето во некои зони на некоја култура тоа значи дека ќе се премести таа во некои други зони каде што ќе се сади повеќе“, кажа Џенаро Масиело, претседател на Европската асоцијација на држави производители на тутун UNITAB.
„Тутунот е еден од најрегулираните производи во светот и со оглед на тоа што производството на тутун и самата потрошувачка и користење на тутун има мошне негативна репутација, ние сметавме дека овој Форум има за цел и може да помогне да се сретнат сите алатки од ланецот и на производство и на пласман и на политики на одлучување“, рече Васкес Мерцедес, Меѓународната асоцијација на одгледувачи на тутун (ITGA).
Од пред неколку месеци Македонија освен на Европската сега е полноправна членка и на Светска асоцијација на држави производители на тутун. Ова за нашата држава е можност за зголемено производство и оформување на подобра откупна цена на тутунот.
„Сета цел за ова здружување, на овие сите асоцијации е да го заштитиме тутунопроизводството, односно да кажеме стоп за бирократите, за уништување на оваа култура“, додаде Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија на Македонија.
„Тутунот кај нас се појавува како една значајна култура со производство на некои скоро 30 милиони килограми на годишно ниво. Кога тоа би го пресметале во економски бројки, тогаш би кажале дека има некои добри 150-160 милиони евра влез на средства во државава“, изјави Борче Серафимовски, Министер за земјоделство.
Овој настан ќе продолжи и утре/денеска кога ќе се одбележи и Светскиот ден на тутунопроизводителите во центарот на Прилеп на Камената бина.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
