Loading Video...
Свет
19. April 2026 - 16:40

Трамп повторно се закани дека ќе го нападне Иран

Трамп ја обнови својата закана дека ќе ги уништи иранските електрани и мостови, ако не се постигне договор за крај на војната. Во долг пост на неговата платформа Трут соушал, американскиот претседател директно реагира на вчерашното повторно затворање на Ормутскиот теснец. Тврди дека САД не губат ништо од затворањето на преминот, но Иран губи 500 милиони долари дневно. Тој откри дека испраќа претставници во Пакистан за нова рунда мировни преговори. Според Трамп, американската делегација ќе пристигне таму утревечер.

„Нудиме многу фер и разумен ДОГОВОР, и се надевам дека ќе го прифатат, бидејќи ако не го направат тоа, Соединетите Држави ќе ја уништат секоја електрична централа и секој мост во Иран. НЕМА ПОВЕЌЕ „ГОСПОДИН ФИН“! Ќе паднат брзо, ќе паднат лесно и, ако не го прифатат ДОГОВОРОТ, ќе ми биде чест да го направам она што мора да се направи, а што требаше да му биде направено на Иран од страна на други претседатели во изминатите 47 години. ВРЕМЕ Е ИРАНСКАТА МАШИНА ЗА УБИВАЊЕ ДА ЗАПРЕ“, напиша Трамп. 

Според Иран, затворањето на Ормутскиот теснец е одговор на продолжената американска блокада на иранските пристаништа, која ја смета за прекршување на мировниот договор. Во моментов ниту едно пловило не го минува теснецот, а голем број бродови се закотвени во Персискиот Залив.

Претседателот на Иран, Пезешкиан, изјави дека Иран се бори за своите права.

„Ние не бевме иницијатори на војната, не нападнавме никаде. Ниту, пак, моментално имаме намера да нападнеме некого. Ги бараме нашите права. Тие се обидуваат, преку малтретирање, да ги негираат правата на една нација, на едно општество. Велат дека одлучиле дека не смеете да го користите ова право. Зошто? За какво злосторство? Кои сте вие да одлучувате?“, вели тој. 

Блокадата во Ормутскиот теснец продолжува да ги пореметува глобалните енергетски снабдувања. Според Интернационалната асоцијација за авио-превоз летовите во Европа би можеле да почнат да се откажуваат веќе од крајот на мај поради недостаток на авионско гориво.

Во меѓувреме, јеменските Хути, поврзани со Иран, се заканија со затворање на Баб ал-Мандеб, најважниот поморски пат кој ги поврзува Европа и Азија преку Суецкиот канал. Нивниот лидер рече дека ако овој премин се затвори „целото човештво и големите сили ќе бидат беспомошни за да го отворат“.

Војната на Блискиот Исток влезе во 51-от ден, а договореното примирје истекува задутре.