Трамп е блиску до донесување одлука за започнување голема војна на Блискиот Исток, шансите се 90%

Американскиот претседател Доналд Трамп е многу поблиску до донесување на одлуката за започнување голема војна на Блискиот Исток, со операција во Иран, а таа би можела да започне многу брзо, објави денеска американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на извор од американската администрација.
„Шефот почнува да губи трпение. Некои луѓе околу него го советуваат да не војува со Иран, но мислам дека веројатноста за воена акција во следните неколку недели е 90 проценти“, рече изворот.
Други американски извори изјавија за Аксиос дека на САД ќе им треба повеќе време за да преземат акција.
Изворите велат дека американската воена операција во Иран веројатно би била масовна, повеќенеделна кампања што повеќе би личела на вистинска војна отколку прецизната американска операција во Венецуела минатиот месец.
Аксиос, исто така, известува дека веројатно станува збор за заедничка американско-израелска кампања од многу поголем обем од 12-дневната војна предводена од Израелците минатиот јуни, на која на крајот се придружија и САД со цел да ги уништат подземните нуклеарни објекти на Иран.
Според неименувани израелски претставници, израелската Влада, која „се залага за максималистичко сценарио насочено кон промена на режимот во Иран“, се подготвува за војна во наредните денови.
Втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран се одржа вчера во Женева, со посредство на Оман.
Според шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, страните постигнале меѓусебно разбирање за неколку прашања што би можеле да бидат вклучени во нацрт-верзијата на идниот нуклеарен договор.
Американскиот потпретседател, Џ. Д. Венс, изјави дека преговорите поминале добро во неколку аспекти, но дека Техеран сè уште не е подготвен да прифати низа принципиелни позиции презентирани од Белата куќа, пренесува Аксиос.
МИА
Ново на Сител
-

Раст на прометот со храна и горива, пад кај непрехранбените производи во септември
-

Од утре врнежи од дожд, локално пообилни
-

Четворица загинати во падот на хеликоптерот на ЕУФОР, двајца повредени во Тузла, девет во Брчко
-

Танкер во Ормуската Теснина е погоден од чамец со експлозив
-

„112 не е број за секојдневни проблеми“ - ЦУК со апел: Не ја блокирајте линијата, нечиј живот може да зависи од повикот
-

Уапсен Романец на ГП Делчево, поседувал две тегли марихуана и ЛСД
-

Врвниот невролог од Белград проф. д-р Владимир Костиќ стана визитинг професор во Скопје - Придобивка за студентите по медицина на УКИМ
-

Акциска контрола на товарни возила – 25 возила исклучени од сообраќај
