Супербогатите станаа уште побогати во 2024 година поради концентрацијата на капиталот
Бројот на доларски милионери во светот порасна за 2,6 отсто во 2024 година, но овој раст беше нерамномерен, со најмногу нови богаташи во САД, додека во Европа економската ситуација доведе до намалување на бројот на лица што можат да издвојат милион долари за инвестиции, покажува извештајот на меѓународната ИТ-консултантска компанија „Капџемини“.
Светскиот извештај за богатство за 2025 година, објавен на 4 јуни, прецизира дека зголемувањето на бројот на милионери главно се должи на ултрабогатите лица, чиј нето имот надминува 30 милиони долари, а нивниот број порасна за 6,3 отсто минатата година.
Физичките лица со најмалку еден милион долари, без да се пресметуваат недвижностите во кои живеат, уметничките колекции, долгорочната потрошувачка стока и сличните вредности, најмногу профитираа поради силниот пазар на акции и оптимизмот поврзан со развојот на вештачката интелигенција. Алтернативните инвестиции, како фондовите за ризичен капитал и криптовалутите, станаа редовен дел од инвестициските портфолија, според „Капџемини“.
Поволните каматни стапки и приносите на американската берза го поттикнаа збогатувањето во 2024 година, па бројот на милионери во САД порасна за 562.000, достигнувајќи 7,9 милиони. Во Европа, пак, бројот на милионери опадна за 2,1% поради економската стагнација во најголемите земји, особено во Германија, каде што се изгубени 41.000 милионери. Сепак, дури и во Европа, бројот на ултрабогатите порасна за 3,5%, што е одраз на зголемената концентрација на капиталот.
Во Азија и Пацификот, бројот на богати порасна за 2,7%, но со големи регионални разлики. Јапонија и Индија предводат со раст од 5,6%, додека во Кина бројот на милионери се намали за 1%. Во Латинска Америка, поради девалвација и фискална нестабилност, падот беше 8,5%, особено во Бразил (пад од 13,3%) и Мексико (пад од 13,5%). На Блискиот Исток, бројот на многу богатите се намали за 2,1% поради падот на цените на нафтата.
Истражувањето на научниот институт на „Капџемини“ опфати 71 земја, кои сочинуваат над 98 отсто од глобалниот БДП и 99 отсто од берзанските трансакции во светот, покривајќи ги Северна и Јужна Америка, Азиско-пацифичкиот регион, Европа и Блискиот Исток.
Ново на Сител
-
Јавниот повик за прием на 400 пожарникари завршува во четврток, најдобрите ќе бидат дел од новата специјална единица на ДЗС
-
ЦУК: Активни шест пожари, изгаснати три
-
Алкалоид против Хановер во баражот за групната фаза во Лига Европа
-
Лошиот квалитет на водата ги одложи маратонските трки на СП
-
Баро: Ќе воведеме санкции кон Иран ако до август нема напредок во нуклеарниот договор
-
Граѓанската иницијатива Зелен хуман град ја поздрави пресудата за убиството на кучето Феликс
-
Приведено едно лице од Куманово поради управување моторно возило под дејство на алкохол
-
Во Србија од октомври го зголемуваат минималецот на 500 евра