СДСМ бара одговорност за најавите за вработувања во администрацијата, ВМРО-ДПМНЕ демантира
Сканадал без преседан е најавата на вицепремиерот Меџити за илјадници партиски вработувања во администрацијата обвинува СДСМ. Опозицијата денеска ја повика антикорупциска итно да отвори постапка, надлежните органи да отворат истрага, а моменталните вработувања во администрацијата итно да се стопираат.
СДСМ прашува: Според кои критериуми ќе се избираат овие 3000 вработени? Дали ќе има јавни конкурси или веќе постои список на „подобни“ кандидати? Дали овој список е веќе на масата на Христијан Мицкоски? Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што веќе е договорено дека дел од овие вработувања ќе бидат за нивни кадри? ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција жестоко зборуваше против партиските вработувања, сега молчи, вели Богданска Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Лагите на пуленот на ДУИ немаат крај, реагираат од владејачката партија.
Тврдењата дека Владата ќе вработи 3.000 лица се целосна невистина и очаен обид на СДС да најде оправдување за сопствениот политички неуспех. Ако некој создаде армија на неспособни партиски војници и ја претвори државната администрација во штаб на Бихаќка, тоа е токму СДС! Ако има вработувања, тие ќе бидат исклучиво во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список како што правеше СДС, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Иако Меџити вчера се дообјасни дека неговата изјава се однесува на владината одлука за трансформација на работниот однос од договор за дело во трајно вработување за околу 1500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, сепак остар одговор доби од коалицискиот партнер ЗНАМ. Откако министерот Минчев му порача да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, Меџити му врати на Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, потсетувајќи го дека правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија. Вчера реагираше и министерката за финансии која рече дека нема потпишано никаква согласност за нови вработувања.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар