Македонија
18. February 2025 - 16:58

„Градски превоз“ за почеток ќе користи стари реконструирани возови - инфраструктурата може да се користи

Реконструирани стари патнички возови ќе се користат за „Градски воз“. Според информации на Сител, доколку дојде до реализација на овој проект, во почетокот планирано е да се реконструираат патнички вагони и гарнитури, но планот на Железничи е да преговараат и со финансиски институции за набавка на нови возови кои треба да бидат дел од „Градскиот воз“.

Засега не е познато колку возови би биле ставени во функција на „Градскиот воз“. Градежниот факултет веќе почна да прави физибилити студија за да утври дали ваков проект е економски исплатлив. Станува збор за пругите Скопје - Илинден - Миладиновци во должина од 20 километри, Скопје - Драчево - Зелениково во должина од 25 километри и Скопје - Ѓорче Петров - Волково во должина од 18 километри.

Професорите веќе излегле на терен за да ја утврдат состојбата на пругите и сигнализацијата. На делови е потребен ремонт, но инфраструктурата може да се користи. Проблем можат да бидат дивите премини кои ги направиле луѓето.

-Граделе куќа во т.н. пружен појас, значи појасот околу пругата и практички сами си правеле насипи или премини за да можат од куќата да пројдат од другата страна на пругата итн. Такви диви премини мислам дека беа повеќе и тие диви премини ќе претставуваат проблем ако се пушти во овој дел. Ќе мора да се преземат специјални мерки за сето тоа да се санира, да се заштити и да се овозможи да не може да се поминува на такви диви, необележани премини, вели Универзитетскиот професор Зоран Каракутовски.

Старите и дотрајани стојалишта кои веќе не се користат ќе мора да бидат реконструирани. Но ќе треба да се градат и нови. Професорот Каракутовски веќе прави прелиминарни цртежи за тоа како треба да изгледаат.

-Ширината на пероните е прилично мала. Значи, ќе ја зголемиме ширината на пероните, ќе ја зголемиме должината според европските стандарди за ваков вид на пруги. Треба да бидат долги пероните и на секој перон би требало дополнително да се додаде опрема, во смисла на клупи за седење, киосци за заштита од атмосферски влијанија, осветлување, камери за безбедност, вели Каракутовски.

Студијата треба да биде готова за два месеци отсега. Првиот човек на Железници Инфраструктура Синиша Ивановски вчера за Сител рече дека на терен со градежни работи се очекува да се почне уште на пролет или летово, а до крајот на годинава барем една од линиите да биде приспособена и готова. Градски воз треба да биде алтернатива за граѓаните од периферијата на Скопје на ужасно лошиот превоз.