Над илјада производи ќе се продаваат со замрзнати маржи до крајот на април
Владата одлучи: лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и зејтинот до крајот на април ќе се продаваат по цена од 1 февруари. Дополнително, нивната маржа се замрзнува до 5%.
Шеќерот, оризот, пекарските производи, бисквитите, тестенините, свежото месо, сирењето, кашкавалот, замрзнатиот зеленчук, чоколадата, кечапот и мајонезот, зачините, кафето, соковите, дел од алкохолот ќе се продаваат со замрзната маржа до 10%.
Речиси целото овошје и зеленчук, пастата за заби, гелот за туширање, шампонот, влажните марамчиња, тоалетната хартија, влошките, пелените, детските каши, детергентите, сапунот добија маржа до 15%.
Маркетите се должни да ги означат сите производи со етикета „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и да обезбедат најмалку 70% од количините кои ги имале во јануари.
Одлуката ќе стапи во сила деновиве, откако ќе биде објавена во службен весник, а пазарниот инспекторат секојдневно ќе контролира. Доколку се утврдат неправилности, казните се и до 20 илјади евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар