Македонија
18. February 2025 - 16:59

Пулмологија преполна – грипот предизвика сериозни компликации кај хронични пациенти

Грипот ги наполни болничките соби на Пулмологија. Пациенти со хронични белодробни заболувања поради сериозни компликации  мора да бидат хоспитализирани и под лекарски надзор. Пулмолозите велат дека годинава клиничката слика на сезонскиот вирус е многу потешка а на клиниката има многу повеќе болни во споредба со минатата година. Грипот од тип Б предизвикува посериозни симптоми и компликации кај лица со астма и хобб.

-Ако правиме корелација, ланската година за 2 месеци има 150 хоспитализации а до сега овие два месеци имаме 280 хоспитализации, што значи за 60 проценти е зголемен бројот на пациенти кои доаѓаат со веќе докажана вирусна инфекција. Овој пат грипот прави многу потешки компликации, потешка клиничка слика што значи и подолго време на хоспитално лекување на Пулмологија, вели Д-Р Оливер Зафировски, директор на Клиника за Пулмологија.

 Поради полните ходници и ординации,  на Пулмологија велат дека ги почитуваат сите мерки за заштита – забранети се посети на болните, задолжително носење на маски а одредени медицински сетри третираат само одреден број на пациенти за да нема трансмисија на вирусот. Но истите препораки важат и надвор од болничките установи.

-Мора да се заштитат луѓето над 65 годишна возраст, помалите деца, трудници, лица со кардиолошки, пулмолошки и невролошки заболувања. Мора да има прењвентивни мерки, да не излегуваат надвор, да носат заштитни маски ако веќе мора да излезат, но повеќе да седат дома овој период, вели д-р Зафировски.

Десетина хоспитализирани има и на Клиниката за инфективни болести. Сите се повозрасни пациенти со хронични заболувања кај кои вирусот само ја влошил нивната здравствена состојба.

Од последниот извештај на Институтот за јавно здравје, оваа сезона бројот на заболени од грип е над 11 000.

Видеа од Македонија