Трамп објави мапа на САД со Канада како 51. сојузна држава

Новизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска повторно предложи Канада да стане 51-та сојузна држава на САД, споделувајќи мапа на неговата мрежа Трут соушл (Truth Social) каде Канада е претставена како дел од САД.
Трамп објави две слики на платформата Truth Social: една со мапа на САД и Канада со натпис „Соединети Држави“ што ги покрива териториите на двете земји, и друга на која Канада е прекриена со американското знаме, пренесува Фокс Њуз.
Републиканецот неколкупати претходно сугерираше дека Канада треба да стане сојузна држава на САД, но вчера ја отфрли можноста за употреба на воена сила за анексија на Канада. Сепак, не ја исклучи можноста за економски притисок.
Трамп, кој неодамна го доби мандатот за претседател на САД, изјави дека границата меѓу двете земји е „вештачка линија“ и се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за увоз од Канада, која 75 проценти од својата стока и услуги ги извезува во САД.
Во понеделникот, по оставката на канадскиот премиер Џастин Трудо од функцијата и од лидерската позиција во Либералната партија, Трамп изјави дека би било добро Канада да се обедини со САД и дека „многу луѓе во Канада би сакале да станат 51-та американска држава“.
„Многу луѓе во Канада би сакале земјата да стане 51-та држава. Соединетите Држави веќе не можат да толерираат огромни трговски дефицити и субвенции кои на Канада ѝ се потребни за да опстане. Џастин Трудо го знаеше тоа и даде оставка. Ако Канада се обедини со САД, нема да има царини, даноците ќе бидат значително пониски, и ќе бидат целосно безбедни од заканите од руските и кинеските бродови кои постојано ги опкружуваат. Заедно, каква голема нација би биле!!!“ напиша Трамп на Truth Social, пренесе канадскиот јавен сервис CBC.
Трудо во понеделникот ја отфрли оваа идеја, истакнувајќи дека „работниците и заедниците во двете наши земји имаат придобивки од тоа што сме најголеми трговски и безбедносни партнери“.
Инаку, во последните денови Трамп побара Данска да го отстапи Гренланд на САД. - Тие треба да се откажат од тоа бидејќи ни треба за националната безбедност. Тоа е за слободниот свет. Зборувам за заштита на слободниот свет, оцени Трамп. Воедно тој одби да исклучи можност за употреба на воени и економски средства за да ја натера Данска на таков чекор.
Тој исто така бара и враќање на Панамскиот канал од Панама: „Го дадовме Панамскиот канал на Панама. Ние не го дадовме на Кина, а тие го злоупотребија“.
Трамп, исто така најави и преименување на Мексиканскиот Залив во американски залив.
Ново на Сител
-

Милошоски: Сега е вистинското време за нов стратешки пристап кон проширувањето на Европската Унија
-

Претседателката Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бегај
-

Почина проф. д-р Кита Бицевска, истакнат македонски филолог и професор по славистика
-

Венс: Нема шанси САД да бидат во повеќегодишна војна на Блискиот Исток
-

Николоски: Државната статистика потврди голем раст на превезена стока во товарниот сообраќај
-

Цвеќе пред спомен-плочата на гемиџијата Марко Бошнаков во Охрид за 118-годишнината од неговата смрт
-

Од 1 март побезбедни онлајн-плаќања
-

АХВ: Градоначалникот Митовски да не се иззема од одговорност за решавање на проблемот со говедата кои лутаат низ Крива Паланка
