Свет
27. July 2015 - 9:29

Камерон започнува четиридневна обиколка во Југоисточна Азија

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска започнува четиридневна азиска обиколка, при што ќе ги посети Индонезија, Сингапур, Виетнам и Малезија.

Тој ќе биде придружуван од 30-мина шефови на британски компании и планира да потпише трговски договори во вредност од над една милијарда евра.

Главна цел на неговото патување е зајакнување на соработката со земјите од југоисточниот дел на Азија во борба против заедничкиот непријател џихадистичката група Исламска држава (ИД).

- Нема да ги победиме терористите од ИД ако не дејствуваме во нашата земја и во странство и доколку не сме во согласност со останатите држави во светот против овој непријател, истакна британскиот премиер пред неговото заминување.

Тој додаде дека „за време на обиколката Велика Британија може да им ја понуди својата помош на Индонезија и Малезија во борбата против терористите и да се запознае со нивните намери за изградба на толерантни општества“.