АХВ: Потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Злокуќани
Нов случај на птичји грип во Скопје. Болеста е лабораториски потврдена кај угината гуска во комплексот Свети Јован во Злокуќани, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство. Кај останатите тестирани примероци од два лебеди не е утврдено присуство на вирусот. Во текот на денот се заловуваат и други птици на локацијата кои исто така ќе се испитуваат на Факултетот за ветеринарна медицина.
- АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза - убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип, , информираат од АХВ.
И посочуваат дека е наредена дезинфекција, затворање на домашната живина во одгледувалиштата и задолжително да се пријави кај надлежен ветеринар доколку се забележи зголемена смртност на птици.
Болеста најчесто се шири преку птиците преселници, а можат да заболат и луѓе ако имале многу близок контакт со заразени птици или со високо контаминирана средина и затоа од АХВ апелираат на внимателност.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар