Македонија
9. October 2024 - 16:34

Мајката и малолетната ќерка во тетовско Слатино починале од труење

Мајката и малолетната ќерка во тетовско Слатино починале од труење. Ова го покажале првичните сознанија од обдукцијата, соопшти обвинителството. Од што се отруле дополнително ќе се утврдува. На нивните тела не се пронајдени траги на насилство.

-Од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето. Кај починатите не се пронајдени други траги на насилство. Исто така, по наредба на јавен обвинител ќе бидат земени примероци од крв и урина и од останатите членови на семејството – татко и уште едно дете, со цел да се провери евентуално присуство на токсини и кај нив. Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот, информираат од ОЈО.

Безживотните тела на 36 годишната мајка и 4 годишното девојче легнати на кревет вчера попладне ги пронашла бабата, мајка на починатата жена која викнала Брза помош. Во домот биле и таткото на 50 години и другото 9 годишно машко дете.

-Постапувајќи по пријавата, обезбедено е местото каде екипа од СВР Тетово во соработка со јавен обвинител извршила увид и по наредба на обвинител безживотните тела на починатата се предадени на обдукција, додека нејзиниот сопруг Р.Ш. (50) заедно со неговиот малолетен син, ќе бидат пренесени на лекарска помош во тетовската клиничка болница, а потоа лицето Р.Ш. е приведено во Полициска станица за понатамошно постапување“, изјави Фармир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

Девет годишното дете кое било сведок на семејната трагедија од болницата го презеле социјалните служби. Според информациите на Сител тоа било многу исплашено и го однеле за проценка и стручна помош на детскиот оддел на Клиниката за психијатрија. Потоа ќе биде соодветно згрижено од страна ЦСР Тетово.   Таткото во текот на денот ќе биде пуштен од полиција заради организирање на погребите.

Според првичните информации семејството живеело изолирано во лоши услови. Од тетовскиот Центар за социјални работи велат дека од 2022 година таткото почнал да работи и од тогаш немаат никаква евиденција за нив,  бидејќи не користеле услуги како социјално загрозени, а немало ниту пријава за семејно насилство.