Македонија
18. September 2024 - 16:38

Мицкоски: Задолжувањето не е кинеско, ако ви пречи Кина зошто потпишавте договор со нив?

Заемот од половина милијарда евра е унгарски, од земја членка на Унијата, тврди премиерот Мицкоски. Шокиран е од опозициската СДСM која наместо да гледа како парите ќе се трошат за развој, за инфраструктурни проекти и за стопанството, упорно трага по потеклото на парите. Прашува што толку им пречи чии се парите, кога и самата СДСМ, односно тогашниот вицепермиер Битиќи, стави потпис на договорот со кинески Синохидро за изградба на автопатот Кичево – Охрид.

- Само македонската опозиција успева на еден чуден начин да го најде потеклото на парите од заемот. Тоа е исто кога во чаша вода ставате од три шишиња по една третина и да кажете првата третина е од ова шише, втората третина од ова шише, третата третина од ова шише. Чудни логики гледам од страна на опозицијата, но исто така е факт дека кога се обелодени овој заем, мојот пријател, премиерот од Унгарија, беше под жежок притисок од страна на тамошните медиуми дека се задолжиле на домашен пазар по повисоки цени, а даваат кредити на нашата земја по пониска цена. Ако толку му пречи изворот на овие средства на поранешниот заменик претседател на Владата, тогаш зошто го потпишуваше договорот со кинеската компанија за кинескиот кредит за автопатот Кичево-Охрид – изјави Мицкоски.

Вчера опозицијата обвини дека кредитот не е од Унгарија, туку од Кина, која 20 дена пред Мицкоски да објави дека ќе земе заем, позајмила милијарда евра од 3 кинески банки. Со ова, според СДСМ , земјата станува политички заложник на Унгарија.

Инаку заемот од 500 милиони евра ќе се повлече во една транша. Рокот на отплата е 15 години, со 3 години грејс период, и фиксна камата од 3,25 %. Дополнително, земјава ќе треба да и плати 70 илјади евра провизија за правни услуги на независна фирма избрана од унгарската Експорт Импорт банка.