Македонија
5. September 2024 - 16:48

Албанскиот буквар бил одобрен од Бирото за развој на образованието како дидактичко помагало

Албанскиот буквар кој функционери од ВРЕДИ им го делеа на ученици бил како дидактичко помагало и како такво може да се користи во образовниот процес. Сепак, министерката за образование предупредува дека тој не може да биде примарно средство за учење.

- Бирото за развој на образованието го одобрил како дидактички помошен материјал, а министерот Јетон Шаќири го потпишал. Сега е ова донација, секој може да донира дидактички материјал. Но тоа е поминато низ институциите на државата, но не е учебник. Со диплома, со свидетелство во оваа држава може да се стекнат само тие што учат по наставна програма и план одобрен од БРО на нашата држава. Дидактички материјали одобрени од претходниот министер секако дека можат да бидат во употреба, вели министерката Весна Јаневска. 

Букварот, како што тврдат функционерите од ВРЕДИ, е унифициран и се користи и во Албанија и на Косово. Вицепремиерот Меџити вели дека тој е суштински чекор во одржување на националниот идентитет во ера на глобализација.

По доцното потпишување на договорите со образовните асистенти, родители се жалат дека не сите ученици со попреченост имаат пристап до асистентите. Министерката вели дека МОН направиле се, но грешката била кај директорите на училиштата.

- За 200-те асистенти чекавме ребаланс на буџет за да ги обезбедиме средстваата. МОН ја заврши својата работа. Училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот. Тие требаше да планираат кога да го распишат конкурсот, кога да ги објават конкурсите во весниците оти слушам дека ние сме требале да им кажеме кога да го објават конкурсот. Зошто објавуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски, вели Јаневска. 

Оваа учебна година околу 1.000 асистенти треба да им помагаат на учениците со попреченост во образовниот процес. МОН тврдеше дека со 815 договорите ги потпишале уште на 2 септември, а останатите 200 откако ќе ги поминат обуките ќе започнат со работа.