Македонија
2. September 2024 - 16:33

Одбраната бара изземање на судијата

Судот не прифати застареност на кривичното гонење на Мерко.

Судот го одби приговорот  на одбраната за застареност на кривичното гонење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра.На ваквата одлука одбраната побара изземање на судијата поради, според нив, кршење на правата на обвинетиот.Судијката Митреска посочи дека рокот на застареност е прекинат и дека застареноста не е никаква привилегија на сторителот на кривичното дело.

Судот ја одложи главната расправа се до одлука од претседателот за изземање на судијата.

Одбраната пак, предводена од адвокатот Петкоски, посочува дека судечкиот судија одлуката ја донел без приложување на доказите од обвинителот и можност да се произнесат по нив.

Одбраната во рок од 24 часа до Претседателот на Основниот суд Струга треба да достави образложен предлог зошто бара изземање на судијката, по што ќе се знае дали предметот ќе остане кај истиот судија или ќе биде префрлен кај друг.