Македонија
30. August 2024 - 21:18

Арсовска со отворено писмо до Мицкоски нуди решение за набавка на автобуси

Ве замолувам да внесете разул во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Скопската градоначалничка со отворено писмо до премиерот Мицкоски за набавка на нови автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие.

Арсовска е подготвена Градот да ги даде парите, а Влада да ја води постапката.

Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката.  Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје, вели Арсовска.

Градоначалничката уверува дека е подготвена да ги прифати сите барања и услови на Владата.

-Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје, вели Арсовска во писмото.

Ја прашавме Владата дали за став, дали премиерот ќе го прифати предлогот на Арсовска и дали е можно конечно да се одблокира работата на Градот. До подготвување на прилогот, одговор не добивме.

Но дури и Владата и Градот да се договорат веднаш, тоа нема да биде инстант-решение на хаосот во јавниот сообраќај. Постапката за набавка е прилично долга и Градот автобусите ќе ги чека најмалку една година.

Набавката на двокатните кинески автобуси траела речиси три години. Договорот за набавка е потпишан на 14 април 2010. Првите 11 се пристигнати година и четири месеци подоцна, на 12 август 2011. А последната пратка од 79 е пристигната на почетокот на 2013 година.

Речиси година и половина се чекаа автобусите кои ги набави претходникот на Арсовска, Петре Шилегов. Тој на 28 јануари 2019 година го потпиша договорот со „МАН“, а првите 7 автобуси пристигнаа на 20 мај 2020 година.

Веќе од следната недела почнува учебната година, а со тоа и зимскиот возен распоред. На ЈСП ќе му недостасуваат најмалку 100 автобуси за да ги задоволи потребите. Најавениот сервис на триесетина возила нема да го реши проблемот. На вчерашната седница советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа ниту за набавка на нови автобуси, ниту за воведување на БРТ системот.