Македонија
30. August 2024 - 16:39

Антикорупциска бара укинување на државното финансирање на партиите за време на избори и казни за скриени податоци

Речиси половина од државните институции или вкупно 826 од кои 10 се министерства, не доставиле информации како се користеле близу 12 илјади службените возила за време на изборниот период. Антикорупциска во извештај за изборите нотира дека од вкупно 1.557 институции, само 402 институции навремено ги доставиле потребните информации. Антикорупциска сепак се жали дека поради празнини во законот не можат да покренат постапки за функционерите кои не доставуваат податоци.

Повеќе од 6 милиони евра чинела изборната кампања за парламентарните избори. 64 отсто се пари од Буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата државното финансирање на партиите да се укине, поради постоење на ризици од корупција. За антикорупционерите, пријавувањето на донациите и трошоците во партиските касаи било премногу комплексно, па затоа бараат да бидат направени реформи за поголема ефикасност.

А во предизборието Антикорупциска оформила вкупно 65 предмети за прекршување на Изборниот законик и законот за спречување на корупција. Повеќе од половината или 58 отсто од приговорите се однесуваат на забраната за вработување во државни институции од денот на распишување на изборите до изборот на новиот парламентарен состав.                                  

Комисијата примила и 291 барање за мислење за вработувања, унапредувања и дисциплински постапки. Најчести баратели биле  министерствата, општините, училиштата и здравствените институции.