Македонија
16. August 2024 - 16:34

Арсовска го повика Мицкоски на средба за проблемите во Град Скопје

Данела Арсовска го повика Христијан Мицкоски на средба. Преку статус на социјалните мрежи, Арсовска вели раководството на Град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со премиерот.

„Го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот. Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија. Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје“, пишува Арсовска.

Барањето на скопските градоначалници да му се одземат на Град Скопје „Комунална хигиена“ и „Пакрови и зеленило“ најверојатно ќе се разгледува на владина седница во вторник. Министерот за локална самоуправа Златко Перински, за Сител вели дека иницијативата е резултат на секојдневниот притисок од граѓаните кои се незадоволни од услугите од Градот.

„Треба некој, а тоа надлежните институции треба да го проверат, зошто некој согласно законско утврдените надлежности, не постапува по истите. Во Законот за локална самоуправа строго се наведени тие надлежности, еве јас ќе ви ги прочитам. Членот 22 вели: како една од надлежностите во делот на комуналните 

дејности, одржувањето на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад. Значи, тоа е строго дефинирана надлежност на Градот Скопје преку ЈП Комунална Хигиена. Ако тие не постапуваат согласно нивните надлежности, тогаш се поставува прашањето зошто земаат плата?“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Перински уверува дека пред да се донесе одлука за расформирање на двете јавни претрпијатија ќе бидат прашани и вработените и синдикатите за да се чуе и нивното мислење.

„Нормално е вработените да се изложени на стрес и да не сакаат да се расформира Комунална Хигиена. Затоа, ние како Влада велиме ќе ги согледаме барањата од ЗЕЛС, но од друга страна, како одговорна Влада, мораме да ги прашаме и вработените кои се таму, синдикатите. Исто така, и тие се значајна единка во системот. Не можеме ние да носиме одлуки само врз основа на една страна. Сите параметри ќе бидат опфатени и разгледани на следната седница на владата“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа

Од друга страна, пак, Лазе Георгиевски кој 20 години бил на раководна позиција во Комунална хигиена е против ваквата идеја. Тој потенцира дека владин повереник може да се назначи само во строго утврдени ситуации.

„Комунална Хигиена постои 120 години. Паркови и зеленило постои после земјотресот, 60 години. Делење на нешто што не си го создал, што не си придонел, да ти го поделиме не. Се знае кога се става владин повереник, во услови на земјотрес, поплава, војна. Можеби сега што не работи градоначалникот на Град Скопје, меѓутоа, оваа партиска гарнитура го постави“ – Лазе Георгиевски, поранешен раководител на сектор за собирање смет

Градоначалниците предложија двете јавните претпријатија да се поделат на општините и секоја сама да си чисти и уредува. Вработените и механизацијата да бидат поделени според бројот на жители, а по истата формула да се делат и парите од сметките кои сега ги собира Градот.