Aрсовска да почне да работи во разумен рок, побара премиерот Mицкоски
Премиерот Мицкоски ѝ даде рок на Арсовска да почне да си ја работи работата, откако скопските градоначалници едногласно побараа Владата да му ги одземе на Градот јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Мицкоски не кажа конкретен датум до кога ќе ја чека Арсовска, но најави дека ако не почне таа да ги решава проблемите на граѓаните, Владата ќе преземе чекори.
„Не можеме како Влада да бидеме неми како Градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како 17 пати се менуваат директори по јавни претпријатија, улиците и булеварите ни се со дупки, не се реконструираат, не се прави ништо, ние мораме да преземеме нешто, бидејќи тие граѓани нас ни ја дале довербата и ние мора тоа да го оправдаме. Затоа очекувам во разумен рок Градот да почне да си ја работи работата“ – Христијан Мицкоски, премиер
Мицкоски смета дека Арсовска одамна ја поминала границата и изрази жалење што била толерирана од страна на минатата власт.
„Мислам дека е помината границата, многу одамна е помината границата, жалам што досега претходната Влада ја толерираше оваа акутна неспособност и веќе размислуваме како Влада да отпочнеме процес, но, ајде еве, да не бидеме осудени од јавноста дека ние сега еве станавме Влада, па преземаме или одземаме ингеренции. Затоа велам – еве, имате разумен рок, ве молиме решете ги работите“ – Христијан Мицкоски, премиер
Се огласија и од Градот Скопје.
„Ја поздравуваме разумноста на Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, за која се надеваме дека е искрена и во насока на одблокирање на процесите во градот Скопје. Апелираме до премиерот, кога веќе освои апсолутна власт, да ги одблокира претпријатијата кои досега беа блокирани од членовите на Управните одбори од неговата партија. Доколку е потребно, градот Скопје е подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата со единствена цел - граѓаните на градот Скопје да добијат град каков што заедно градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски ветија во 2021 година“.
Од советничката група на СДСМ, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ намерно не ги гласаа програмите за работа, само за да прават штета и да се пресметаат со Арсовска.
„Заедно со неспособноста на Арсовска, ДПМНЕ го турна нашиот главен град во пропаст. Ова што му се случува на Скопје е најголемата катастрофа после земјотресот. После целиот хаос што го создаде во Скопје вчера слушаме дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им текнало на Скопје. Па уште се обидуваат да се прикажат како спасители кои ете ќе ги решеле проблемите во градот. Доцна е“ - Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје
Вчера градоначалниците предложија јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да се поделат на општините и секоја сама да си чисти и уредува. Побараа Владата да назначи владин повереник кој ќе ги управува претпријатијата, односно ќе го спроведе процесот за нивна трансформација.
Вработените и механизацијата ќе бидат поделени по општините, според бројот на жители, а по истата формула ќе се делат и парите од сметките кои сега ги собира Градот.
Арсовска со месеци се нема појавено во јавноста. Не е достапна ниту за медиумите, ниту за колегите градоначалници и советнички групи. Не дава извештаи и никој не знае што работи Градот и како се трошат народните пари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар