Македонија
8. August 2024 - 12:07

Тешко повреден возач кој излетал од мостот кај Градскиот безан во Велес и паднал на шините на пругата

Во СВР Велес синоќа во 22:45 часот било пријавено дека на ул.„Вардарска“, односно на мостот кај Градскиот базен патничко возило „хјундаи гец“ со велешки регистарски ознаки, управувано од К.Ќ.(53) од Велес, излетало надвор од коловозот, односно паднало на шините од пругата.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Ќ., констатирани во Општа болница Велес. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес, соопшти велешката полиција.

Од Територијалната противпожарна единица за МИА, информираат дека нивна екипа била повикана за помош на повредениот во 22:50 часот по што итно отишле на местото на настанот ја исекле колата со соодветен алат и успеале да го извадат повредениот возач на кој итна помош му укажала медицинска екипа, која потоа итно го однела во Ургентниот центар на велешката Општа  болница.

Како што информира за МИА,  Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, повредениот  во Ургентниот центар на болницата  бил донесен во 23:30 часот и веднаш бил однесен на радиодијагностика, а  му била направена компјутерска томографија на целото тело.

-Констатирани се контузиони повреди на глава и гради, фрактура на пршленски тела на кичма и сериска фрактура на ребра. Поради тежината на повредите пациентот  утрово со возило е однесен   на понатамошно лекување во скопските клиники „Мајка Тереза“, појасни Андова.