Македонија
30. July 2024 - 16:36

До средината на август економските директори во здравството ќе заминат во историјата

Околу 100 000 евра ќе потрошат здравствени установи за плати на организациските директори за јули и август, пред нивните функции да бидат укинати. Во моментот ги има 40  кои се со менаџерски договори и раководат заедно со медицинскиот директор со клиники, домови и институти. Од позициите ќе се простат кон средината на следниот месец кога треба да бидат изгласани измените на Законот за здравствена заштита. Тој ги помина комисиските филтри и останува зелено светло да добие на пленарна седница на Собранието, пред пратениците да заминат на годишен одмор. 

-Просечно платата за овие лица, согласно колективниот договор, во зависност од работниот стаж изнесува од околу 64 000 до 75 000 денари во нето, односно од 98 000 до 113 000 денари во бруто. Покрај тоа, се зголемија и трошоците на установите за користење телефони, службени возила, службени патувања, канцелариски трошоци, административно-технички услуги. , е наведено во образложението на законските измени.

Освен големите и милионски трошоци за плати, предлагачите на законските измени велат дека се покажа неефикасно работењето со двајца менаџери и врзан потпис бидејќи наместо на подобро, здравствените установи постојано тонат во долгови.

-  Ваквата промена со системот на здравствена заштита ќе има позитивни фискални импликации од неколку милиони евра годишно, вели Дафина Стојановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Врзан потпис од двајца директори за подобро менаџирање беше реформата на Владата во 2007 година кога и беше воведена оваа функција. Освен трошоци, резултати немаше. Нивно укинување планираше и претходната власт на СДСМ, но освен најава немаше и реализација.