Македонија
26. July 2024 - 16:37

Нов обид за набавка на компресорска станица за хируршките сали - Се уште не е утврдено што ја предизвикало смрдеата

Нов тендер за набавка на компресорска станица за хирургија на Клинички најави Таравари. Информацијата поминала на последната владина седница. Откако ниту една фирма не се јави на првиот јавен повик објавен од заеднички служби, обврската ја презеде министерството за здравство. Ако повторно нема понуди, тој рече дека ќе одат со директно договарање со компанија која може да инсталира нова станица за компримиран воздух и да се нормализира работа во операционите сали, бидејќи сега се користат надворешни компресори, интервенциите се редуцирани, а листата на чекање постојано се зголемува.

-,Ќе одиме преку јавна набавка да биде што потранспарентно и бараме рокови што поскоро да завршат. Ќе ставиме можеби услов тоа да заврши за три до четири месеци максимум. Меѓутоа, не можам да кажам со сигурност дека ќе се пријави или нема да се пријави. Ако не се пријави тогаш ќе одиме на опција да побараме некој којшто може да го работи и да се договориме директно Министерството со изведувачот, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Во меѓувреме се уште не може да се открие причината за непријатната миризба во хируршкиот блок на клинички. Претходниот министер пред повеќе од еден месец кажа дека биле испратени примероци за анализи во Германија, но јавноста се уште ги чека резултатите. Информација нема ниту Таравари.

- Разговарав и со докторите таму и со одговорните и со директорите за да добијам информација, меѓутоа не би сакал да побрзам и да дадам некаква изјава што нема врска со вистината. Сакам да ја знам целата вистина па после ќе кажеме. Можеби и подолг период се инсталирани тие повеќе од 30 години, можеби е тоа причината, а можеби има нешто друго за кое што се уште немам точна информација. Кога ќе имам сигурно ќе бидете известени, вели Таравари.

Според документот до кој дојде Сител од направените мерења за квалитетот на воздухот во самата станица и во оперативниот блок нивото на влага е 3 пати поголема од европските стандарди, но бидејќи се работи за стара инсталација од 1992 година вредностите биле очекувани.