Македонија
23. July 2024 - 16:35

Што се случи со ревидирањето на позитивната листа на лекови?

Пациентите се уште чекаат на нова терапија на позитивната листа, како што најави министерот за здравство. Таравари уште на почетокот на мандатот кажа дека ќе му требаат две до три недели ова ветување да биде реализирано. Но времето поминува а во пракса состојбата е иста како и пред еден месец.

Комисијата веќе одобрила 9 лекови за зголемен крвен притисок, антидепресиви и за деменција, но за тие да бидат достапни на рецепт мора да добијат  зелено светло од Фондот за здравствено осигурување.  А оттаму не само што нема рокови кога тоа би поминало на Управен одбор, нема ниту одговор дали има финансиски средства за проширување на листата.  

Донесувањето одлука од страна на УО на Фондот не е поврзано само со расположливоста на финасиски средства од буџетот на Фондот за лекови на рецепт на товар на ФЗО, туку и со стручните аспекти на предлогот за вклучување на одредени лекови на Позитивната листа. Постапката на Управниот одбор е во тек и по донесување на одлука ќе бидете навремено и соодветно известени од наша страна, одговорија од Фондот.

Таравари, покрај одобрените 9 лекови, најави дека до крајот на годината ќе има уште едно ревидирање на позитивната листа. Но засега се уште не се случило и првото ветување.

Повеќе од 15 години во земјата нема промена и додавање на современи лекови на Позитивната листа, на која пак се наоѓаат апчиња кои одамна многу земји ги исфрлиле од употреба. 

Досега, неколку министри оптимистички најавуваа достапност на нови лекови на рецепт. Но освен ветувања, никој ништо не реализира.