Македонија
23. July 2024 - 16:32

Потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра од ЕБОР за зајакнување на електропреносната мрежа

Македонија со заем од ЕБОР ќе ја зајакнува електропреносната мрежа. 

Парите ќе бидат искористени за изградба на трафостаница во гевгелиско и обнова на 110 киловолтен далновод. 

Вкупната вредност на проектот е над 34 милиони евра, а најголем дел ќе покрие заемот од ЕБОР од 26,4 милиони евра. 

Претседателката на европската банка кажа дека ќе се намалат загубите при пренос на струја, како и емисиите на јаглерод диоксид.

„Ќе овозможи поврзување на дополнителни 1,2 гигавати од обновливи извори што во моментов не може да бидат поврзани затоа што имаме застарени потстаници во Југоисточниот регион. Покрај оваа корист проектот ќе негува и развој на човечки капитал“ - Одил Рене Басо, претседателка на ЕБОР
Евроамбасадорот Гир посочи дека проектот има големо значење за развој на енергетскиот сектор во земјава. 

„Инвестирањето во преносни линии и воведувањето паметни мрежи е клучен потфат во Северна Македонија имајќи предвид дека мрежите во земјата се стари веќе со децении и многу треба да бидат заменети и имаат недостиг од нови приклучоци“ – Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ

Имајќи предвид дека МЕПСО пред неколку години платило 800 илјади евра пенали за неискористен заем, односно нереализирани проекти, министерката за енергетика рече дека таква ситуација нема да се повтори.

„Се’ што ќе биде сега договорено и потпишано ќе се испочитува и ќе се работи како што ќе потпишеме, ќе си ги одржиме нашите ветувања како Влада. Сакаме да работиме на сигурноста на гридот (мрежата). Не можам да зборувам што се случило и зошто не е нешто направено од 2018 или порано, тоа ќе видиме за некое време, бидејќи ќе видиме ревизијата што ќе покаже“ – Сања Божиновска, министерка за енергетика

Досега ЕБОР има инвестирано речиси 3 милијарди евра во 190 проекти во државата.