Македонија
22. July 2024 - 16:38

„Хотел промаја“ е затворот Шутка, СДСМ тврди дека се ослободуваат осудени за „27 април“

Затворот Шутка е „хотел промаја“, затворениците излегуваат кога сакаат, а за тоа му плаќаат на директорот. Првиот човек на Управата за извршување на санкции тврди дека има сериозни недостатоци во работата на затворот, а за сите вината ја лоцира кај раководството на установата. Пропустите ги откриле при вонредна контрола во текот на викендот кога утврдиле дека недостасуваат 11-ина затвореници во отвореното и полуотвореното одделение, а како што вели, Пандов, затворската полиција била немоќна да ги спречи затворениците да излезат. Утринава, пак, нова контрола покажала дека четворица затвореници се во бегство.

Пандов не прецизираше за кои кривични дела се осудени затворениците кои слободно излегувале, но вели дека неконтролираниот излез за сите бил алиби ако направат ново криивчно дело.

Актуелниот директор на Шутка именуван од претходната влада ги отфрла обвинувањата. Андов повика обвинителството да го преземе и расветли случајот.

Од опозициската СДСМ велат дека случајот за кој говори Пандов има друга позадина. Тврдат дека сака да сокрие дека потпишал времен прекин на издржување на казната за четворица осудени од случајот 27 април.

„Пандов преку кревање медиумска магла сака да го прикрие пуштањето осудени од 27 април што е скандалозен чин на узурпација на институцијата. За само две недели директорување на Пандов, од Штипскиот затвор 4 осудени лица за 27 април се пуштени на прекин на издржување на казната? Како е можно со потпис на Пандов некој да има прекин во казната од 30 дена? Ова се прашањата на кои Пандов треба да одговори“.

Пандов потврди дека дозволил неколкумина осудени за 27 април времено да го прекинат издржувањето на затворските казни, но како што вели, сите имале медицинска документација која укажувала дека им е потребна здравствена заштита.

Од управата за извршување на санции велат дека извештаите од надзорот во затворот Шутка ќе го предадат на Јавното обвинителство и полицијата. Според Пандов, во сите затвори во државата ситуацијата била слична, па најави дека веќе предложил смена на директорите и очекува на следната владина седница да бидат назначени нови.