Свет
19. July 2024 - 16:39

Компјутерски проблем парализираше половина свет – засегнати банки, аеродроми, болници, медиуми...

Банки, аеродроми, железници, болници, медиуми од Австралија до Америка не функионираа поради дефекти со компјутерските системи. Првично се појавија информации за хакерски напад, но во текот на денот беше посочено дека се работи за дефект при ажурирање на антивирусен софтвер на „Краудстрајк“ што ги погодил уредите со оперативните системи Windows 10 и 11 на  „Мајкрософт“. Информациите за безбедносен инцидент ги негираше извршниот директор на компанијата за сајбер безбедност.

- Проблемот е идентификуван, изолиран и издадовме безбедносни насоки. Ги упатуваме корисниците на порталот за поддршка, каде што можат да ги преземат најновите насоки. Ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до најновите ажурирања и насоки“, објави Џорџ Курц, извршниот директор на CrowdStrike и додаде дека нивниот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди сигурност и стабилност на клиентите.

Првите извештаи за проблемите пристигнаа од Австралија. Патници со часови останаа заглавени на аеродромите поради откажани над 1000 летови од Сиднеј, многу европски метрополи, поголеми Аеродроми и авио компании во САД. Прекин во услугите пријавија многу банки, проблеми имаше и лондонската берза и ИТ системот за олимпијадата во Париз, голем број медиуми меѓу кои и Скај њуз, беа засегнати аптеките во Обединетото кралство, а германски болници ги отжажаа операциите.

Глобалниот ИТ проблем се почувствува и во Македонија, но во мали размери.

Од Македонската банкарска асоцијација велат дека само една банка пријавила проблем и истиот бил надминат.

- Во врска со Вашето прашање Ве известуваме дека клиентите непречено може да ги користат услугите на сите банки и штедилници членки на Македонската банкарска асоцијација. Сервисите кои привремено беа недостапни поради глобалниот технички проблем кај една членка веќе се во функција, велат од Македонската банкарска асоцијација.

Проблеми пријави и авиокомпанијата Wizzair со која летаат и голем број македонски граѓани. Поради недостапност на дел од онлајн услугите меѓу кои пријавување и прикажување на картата за патување ги информираа граѓаните дека истото ќе может бесплатно да го направат на аеродромите и ги советуваат патниците да пристигнат најмалку 3 часа пред закажаното време за поаѓање. Од скопскиот аеродорм пак информираа дека сите системи се во функција и нема отлажани летови. 

Од новото Министертсво за дигитална трансформација информираа дека инцидентот во Мајкрософт не предизвикал проблем во македонските државни институции.