Македонија
8. July 2024 - 16:37

Фрчкоски сам ќе се повлече од амбасадорската функција, со документи ги негира обвинувањата од МНР

Амбасадорот Фрчкоски најавува дека сам ќе се повлече од функцијата. Откако вчера МНР потврди дека е повикан на консултации поради злоупореба на службената картичка за авионски билети поради затајување пари од продажбата на објекти кои на Македонија и припаднале по поделба на имотот на Југославија на територијата на САД, Фрчковски преку објава на трансферите од околу 4 милиони евра ги дематира ваквите информации.

За тие тврдења кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од Уплати на тие пари од сукцесијата во Буџетот во три наврати - со што целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие кои сега се нудат да “им учинат на новите власти“ овие документи на време ги имаат на увид и во поседство).

,,Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го принудија привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.

Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден” на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, во моментов е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува'', се вели во реакцијата на амбасадорот Фрчковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска велат дека однесувањето на Фрчковски е уште еден доказ за корумпираната матрица според која работи СДСМ.

,,По истиот принцип по кој се однесува Филипче, се однесувал и Фрчковски. Тоа е матрицата на СДС и грдото лице на власта на СДС и ДУИ.

Со СДС и ДУИ имаше помалку за народот и државата, а повеќе за мафијата. Тоа време заврши. Тоа време веќе не смее да се повтори'', вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку Фрчковски е трет амбасадор кој е повикан на консултации во МНР. 

Претходно повикан беше и амбасадорот во Рим Мемети поради тоа што самостојно ги извести тамошните власти дека пасошите со Република Македонија се неважечки, а на консултации деновиве треба да пристигне и амбасадорот од Тирана Данчо Марковски за да објасни какви насоки има добивано од министерството пред и за време на пописот во Албанија.