Loading Video...
Македонија
20. јуни 2024 - 16:46

Мицкоски подготвен за „непријатна средба“ со Мицотакис на НАТО самитот

Мицотакис не е задоволен од ставот на Мицкоски дека уставното име ќе го користи при заклетвата и во странство, но не и во секојдневните изјави.

Грчкиот премиер вели дека со Преспанскиот договор земјава доби едно име за севкупна употреба, а ако не се промени реториката на новата власт, Македонија ќе има големи проблеми. 

- Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот. Секако ќе го покренам прашањето и мислам дека ќе имам многу сојузници во овој обид. Скопје да сфати дека не може да си игра со Атина за такво прашање, бидејќи ако земјата се стремеше кон двојно име, прашањето ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот, кој има свои проблеми, меѓутоа обезбеди едно име за сите и ако ова се оспори, тогаш да знае Северна Македонија дека ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со Европската Унија кон која има амбиција во некој момент да стане членка, вели Мицотакис. 

Но, Мицкоски вели дека е подготвен оди на НАТО самитот, со порака до сите оние кои го убедувале дека по промената на името Македонија за 5 години ќе стане членка на ЕУ.

- Ние денеска ако ги слушавме тие пораки веќе требаше да отпочне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамките на ЕУ, бидејќи се сеќавам дел од политичарите кои што се сега гласни за Преспанскиот договор седеа пред мене пред шест години ме гледаа во очи и ми велеа ,,Само уште ова Христијан нека помине и за пет-шест години вие сте дел од Европската Унија''. Би сакал истите тие да ги погледам во очи и да им кажам сега јас што имам да им кажам, бидејќи и тогаш им кажував и сега истото ќе им го кажам дека се нечесни, дека даваат лажни изјави и дека го манипулираат овој мал, но драг, скапоцен народ во срцето на Балканот. И се додека има манипулации и двојни стандарди и се додека не се држиме до Копенхагеншките критериуми и вредностите дефинирани од тројцата многу важни луѓе за Европската Унија Де, Шуман и Аденауер нас ќе ни се случуваат вакви анахрони изјави, талибански методи, и враќање во средниот век, наместо да гледаме во иднината, вели Мицкоски 

Како што претходно најави, придавката Северна, Мицкоски за прв пат ќе ја употреби во недела при давањето заклетва.

НАТО Самитот пак, на кој Мицкоски и Мицотакис ќе се сретнат за прв пат е закажан од 9 до 11 јули во Вашингтон.