Македонија
20. јуни 2024 - 16:46

По вежба на Криволак, почина млад војник

25 годишниот професионален војник, А.Ј. почина откако паднал во бесознание изведувајќи ја и последната вежба на Криволак, обука со која требало да стане дел од специјалната единица Волци ако ја помине. 

Иако војникот немал претходни здравствени проблеми, всушност бил и еден од најдобрите и физички спремни меѓу кандидатите, вчера попладнето по 18:30 часот изведувајќи ја и последната дисциплина од селективниот курс- марш на долго растојание, му се слошило и се онесвестил. 

- Веднаш, со армиско болничко возило и придружба на воен лекар, кои се постојано присутни на активностите на селективниот курс, е однесен во најблиската здравствена установа, во случајот здравствениот дом во Неготино, по што веднаш по направените интервентни испитувања е упатен со болничко возило кон Клиниката – КАРИЛ во Скопје, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон преземање на сите мерки за реанимација, но по кратко време се констатирала смрт, соопштија од Генерал штабот на Армијата.

Обуката за да се стане дел од баталјонот на специјални сили, трае околу 20-тина дена во центарот Криволак. Професионалните војници поминуваат низ низа вежби и обуки, за кои треба да се физички и психички способни. На пеколни горештини, под постојан притисок, вежби по полноќ, неспиење, кое е тест за раздразливост, маршеви до 30 километри, склекови, пукање со муниција и брза реакција на експолизии, се дел од препреките кои треба да ги поминат кандидатите за да станат дел од најподготвената единица во Македонија. Целта на сите примреми е кандидатите кои ќе ја поминат обуката да бидат подготвени за исполнување на целите и задачите на единицата.

Кандидатите дури и пред да бидат селектирани на обуката, поминуваат низ низа медицински проверки и психофизички тестови. Оние кои не можат да ги издржат вежбите во секое време може да се откажат. 

Војникот Јанчев кој бил еден од најдобрите во извршување на дисциплините, на самиот финиш на обуката почина, а истражната постапка ќе ја води јавен обвинител. Телото е дадено на обдукција која треба да ги покаже причините за неговата смрт.