Македонија
27. September 2024 - 16:34

Експерти: ЕУ не може да гарантира дека ќе запрат бугарските барања, потребна е волја за дијалог

Одлуката на Брисел не смее да ја обесхрабри Македонија и да доведе до зголемување на евроскептицизмот. Целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ има поголема вредност отколку билатералните прашања, но Македонија мора да има поголема инцијатива, смета официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун кој се обрати на панел дискусија за Европската иднина на регионот и надворешните државни актери. Но вели ЕУ не може да даде гаранции дека Бугарија нема да има нови барања на патот до полноправно членство.

Само доколку постои добра волја во Скопје и Софија за надминување на билатералниот спор може да се надеваме на нова шанса за интеграциите.

Потребни се решителни чекори од политичките чинители доколку сакаме да се најде решение за интеграциите, смета професорот од правниот факултет Ненад Марковиќ. Според него доведени сме во неблагодарна ситуација на статус-кво од кој можеме да излеземе само со директно соочување со проблемот.

На панел дискусијата која е дел од Школата за безбедност акдамеската фела и студентите нагласија дека и регионалната соработка е клучен фактор за стабилноста и безбедносните предизвици во Западен Балкан.