Премиера на „Драма изгубена во времето“ во велешкиот театар
Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ за петок, 10 ноември, ја најавува премиерната изведба на текстот „Драма изгубена во времето“ на Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски.
„Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтимос, но и според мотиви од други домашни и странски дела.
Оваа драма претставува колаж од теми кои се концентрирани околу единствените два лика – ликот на ТАА и ТОЈ, двајца актери кои во текот на дејството се навраќаат на своите професионални и приватни животи. ТАА, актерка во зрели години, ја игра Талија Настова, а ТОЈ, искусен актер – Самоил Стојановски.
Во оваа игра на реминисценции се бришат границите меѓу реалноста и сценскиот живот и читателот често не знае дали ликовите се играат себеси или играат други ликови. Насев тоа го многу умешно го прави преку нијансираните и зачудни ликови, неочекуваните пресврти, вештиот дијалог, како и преку употребата на средства од медиумот на филмот.
Крајниот резултат е една современа драма во која театарската сцена е претставена како место на кое се преплетуваат различни перспективи и стварности, актери и нивните ликови и каде се слави животот во целата негова комплексност и убавина.
Претставата „Драма изгубена во времето“ тргнува токму од таа „колажност“ на темите во текстот и ја развива во еден недефиниран простор кој може да биде театарска сцена, работната соба на писателот, неговата глава… Темите во претставата, организирани како во своевиден лавиринт, се преплетуваат околу прашањата – Што е стварноста, а што театарот? Каде завршува едното, а почнува другото? Колку е стварна стварноста?
Ваквата структура на лавиринт, кој има само влезови, но не и излез, која само поставува прашања, но не дава одговори, е изградена со средствата на актерската игра, театарскиот, како и филмскиот медиум. Комбинирани заедно тие создаваат напната атмосфера на чекање – чекање да дознаеме нешто, чекање да заврши претставата, драмата, животот…
Претставата „Драма изгубена во времето“ зборува за релативноста на односот помеѓу стварноста, паметењето и означувањето – помеѓу слученото, запишаното и одиграното. Таа зборува за невозможноста да се достигне Вистината и да се запознае Стварноста, што, од една страна е поразително сознание, но, од друга, толку многу инспиративно.
Сценографија е на Филип Коруновски, видео дизајнот и фотографијата на Данчо Стефков, аудио дизајнот на Сашко Костов, а дизајн на светлото на Марјан Тодоровски.
Сашко Насев е еден од најплодните македонски драмски автори и професор на Факултетот за драмски уметности на катедрата за Драматургија и филмско сценарио. Меѓу неговите најпознати дела се вбројуваат драмите „Грев или шприцер“, „Чија си“, „Женски оркестар“ 1 и 2, „Доле влада“, „Магдо, љубов моја“, кои се преведени на повеќе јазици и кои се играни над стотина пати на сцените во Македонија и надвор од неа.
Насев е автор на неколку филмски сценарија, меѓу кои и за долгометражниот игран филм „Самоуништување“ со незаборавниот лик „Чичко Кумплунг“. Автор е и на сценаријата за ТВ сериите „Бумбари“ и сега актуелната „Црвениот поет“.
Ново на Сител
-
ОЈО Скопје ќе бара од МВР распишување национална потерница и меѓународна потерница за Груби и Бајрами
-
Премиерот Мицкоски на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Брисел
-
10 години Брза Кујна | Никола Мишковски и Сања Савеска | ПРОфесија | Sitel Podcast 075
-
Груби недостапен, Судот му одреди 30 дена притвор
-
МВР поднесе кривични пријави против поранешен директор на Градски трговски центар - Скопје и тројца вработени
-
Кривични пријави за Груби, Ковачевски, Прпарим и уште пет лица
-
Театрите и Филхармонијата со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024
-
Расчистено убиство во обид во Скопје, поднесена кривична пријава против две лица