Македонија
8. February 2016 - 15:19

Парична помош на семејствата сместени во старото Нервно одделение

Тринаесет ромски семејства, кои привремено беа сместени во објектот на старото Нервно одделение, а на први јанаури останаа без своите куќи поради пожар, од денеска секој месец ќе добиваат по 3.000 денари од Општина Штип.

Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов  информира дека месечно за 13- те семејства од буџетот на општината ќе се издвојуваат вкупно 39.000 денари.

-Освен тоа тие добија и еднократна помош од 30.000 денари или 500 евра од Владата на Република Македонија, досега општината ги плаќаше и сметките за струја и вода на сите оние кои беа сместени и се уште се сместени во старото Нервно одделение. Некаде сумата по таа основа е околу 3.000 евра месечно, вели Ристов.

Општина Штип работи на решавање на проблемот со сместувањето на ромските семејства,  а веќе урбанистите прават и  нов урбанистички план за типска населба, во која би се изградиле бараки или станбена  зграда во која ќе се сместат овие семејства.