Македонија
11. March 2022 - 12:32

Земјоделците од сите сектори бараат помош за да ја прехранат државата - Најавуваат големи протести

Под итно да се најдат алтернативни пазари за земјоделските производи кои се пласираа во Русија и Украина, сунвенционирање на придонесите за земјоделците, субвенционирање на ѓубривата и укинување на ДДВ за истите, зголемени субвенции во секој сектор и исплата на истите пред почетокот на реколтата. Мерката зелена нафта да важи за сите земјоделците и да биде без акциза и ДДВ, и промена на досегашната методологија во која исплатата ќе биде во литар по единица површина. Ова се само дел од барањата на земјоделците кои се собраа во Прилеп од цела Македонија на трибина со тема „Спас на земјоделието во Македонија“.

„Ние верувајте ќе се соочиме со глад поради овие скапии цени кои ни се случуваат секојдневно во нашето производство. Ова го бараме за да си помогнеме заедно за да ја прехраниме државата“, вели Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.

„Површините што се обработуваат се многу намалени во последно време така што ние нема да можеме да произведем храна да се прехраниме како нација, ние немаме ниту ресурси, ниту потенцијал, ниту капацитет да ги задоволиме основните потреби, а не пак за извоз“, рече Ѓорѓи Каракашев, претставник од АГРО ЕКО здружение на граѓани од Радовиш.

Производителите на пченица и сточарите велат дека ситуацијата во овој сектор е алармантна.

„Луѓето не можат 50% да ги прихранат посевите што ќе немаме доволно пченица, како што и сега немаме. И сточарите се во лоша состојба поради што расте цената пченицата, а со тоа расте и сточната храна“, вели Марјанчо Цветкоски, земјоделец од Прилеп.

Ништо подобро не било ни кај производиттелите на грозје кои се соочувале со огромни проблеми.

„Што планираат откупувачите, ккоја количина, по која шеќерност за да знаеме како да го кроиме лозјето, но еве до денеска ниту министерот се јавува, не не вика на средба“, додаде Дане Јошев, претседател на регионалното здружение Тиквешки-лозаро овоштари.

Се бара и ослободување од концесија на државно земјиште, пашарина, наводнување и одводнување за 2022 година.  

„Моментално цените на јаболкото во Преспа се 4 до 5 денари конзумно јаболко, прва класа, знали ние работиме со загуба од 5 до 6 денари. Го изгубивме пласманот со конфликтот во Украина и Русија, сега имаме останато околу 50.000 тони на јаболко кое нема алтернативен пазар и истите јаболка ќе бидат продадени за 1,5 денари“, рече Зоран Илиески, производител на јаболка од Преспа.

Овие барања ќе бидат доставени до Владата. Ако за 3 дена земјоделците не бидат повикани на средба се закануваат со големи протести.