Македонија
1. November 2021 - 16:34

Поразот на СДСМ и оставките на Заев главна вест во регионалните медиуми

Оставката на Заев во фокусот на светските и медиумите од соседството. Веста дека тој си поднесе оставка од премиерската фотелја е главна тема во бугарските медиуми.

БНТ објави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има огормна предност пред владејачката СДСМ на премиерот Заев, но и дека партијата на Али Ахмети ги изгуби Тетово и Гостивар.

Албанските медиуми пишуваат дека поразот на Заев е катастрофален. По поразот на локалните избори Заев поднесе оставка од премиер и лидер на СДСМ. По оставката на Заев паѓа цела влада, се најчестите наслови.

Веста осамна и во грчките медиуми. Катимерини изборите ги опиша како тежок пораз за Заев. 

И светските медиуми реагираат за оставката на премиерот. Ројтерс ја пренесе објавата на политичкиот аналитичар Флоријан Бибер на Твитер кој смета дека поразот на СДСМ делумно бил самонанесен, поради лошата кампања, стагнирачки реформи и неуспехот Македонија да влезе во ЕУ.

Еуроњуз пренесува дека премиерот на Северна Македонија ја објави својата оставка по тешкиот пораз на неговата партија на локалните избори во земјата.

Одлуката Заев следи по неколкумесечната намалена популарност, додека се бореше да ја одржи економијата и тоа во време на пандемија и заглавените разговори за евроинтеграциите, пренесува Франс 24.

Инаку, српскиот претседател Вучиќ на социјалните мрежи напиша дека е во дилема дали треба да се оддржи или одложи средбата по повод иницијативата Отворен Балкан, по информацијата дека иако требаше Заев нема да присуствува на средбата во Белград.

Првично беше планирано македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама да ја посетат Србија на 3 и 4 ноември, на средба по повод иницијативата „Отворен Балкан“.