Македонија
29. October 2021 - 16:34

Учениците од ОУ „Димитар Миладинов“ од понеделник се враќаат на настава

Околу 640 ученици цела недела учат онлајн поради поплава во ОУ „Димитар Миладинов“ во скопски Центар. Пукнал вентил на радијатор во еден од тоалетите, па се поплавил целиот кат по што родителите биле известени да не ги праќаат децата во училиште.  Во понеделникот на терен излегле БЕГ кои направиле интервенција на внатрешната грејна инсталација и од компанијата велат дека оттогаш се врши редовна испорака на топлинска енергија.

- Одржувањето на внатрешната грејна инсталација во објектите е обврска на сопствениците односно на потрошувачите, вклучително и на ОУ „Димитар Миладинов“. На ден 25.10.2021 година, на барање на ОУ „Димитар Миладинов", извршена е интервенција на внатрешната грејна инсталација од страна на нашите стручни екипи. Интервенцијата е завршената во тек на истиот ден и во објектот се врши редовна испорака на топлинска енергија, велат од БЕГ.

Директорката на училиштето уверува дека проблемот е решен и оти учениците уште в понеделник ќе се вратат во клупите. Но пет дена подоцна видливи се штети на ѕидовите, а на некои места има и дупки кои се направиле поради водата. Тие дополнително ќе се средуваат.

-Во текот на неделата по работното време, по заминување на учениците дома етапно и парцијално ќе се работи. Екипи и мајстори се повикани, но за време на наставата нема да се работи. Ѕидовите и просторот е исушен, нема мирис на влага, ниту непријатна миризба. Тука беше и Комисија на претставници на Советот на родители и оваа комисија констатираше дека ѕидовите се исушени, се суви и дека нема миризба во училниците и во ходникот. Така што, услови за настава има.

И градоначалникот Богдановиќ уверува дека училиштето е безбедно за настава, и дека санирани се сите вентили кои би можеле во иднина да предизвикаат проблеми.

-Увид освен што направија службите од општина Центар, направи и Советот на родители за да се уверат во безбедноста на самото училиште и воедно, претходно кажав дека од понеделник продолжува учебната година во ОУ „Димитар Миладинов“ со тоа што потврдуваме дека се е во ред така што нема грижа ниту за учениците ниту за родителите, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Училиштето побарало Центарот за јавно здравје да направи испитување дали водата е безбедна  и дали имало мешање на отпадните и водата за пиење. Од ЦЈЗ велат дека земените мостри покажале оти водата е исправна и безбедна за пиење и оти не дошло до мешање на водите.

В недела на вториот круг во ова училиште редовно ќе се одвива и гласањето на градоначалници на Скопје и на Центар.