Македонија
15. February 2021 - 8:27

Македонија вчера ги доби првите вакцини против Ковид-19

Во земјава вчера пристигна првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија. Вакцините на граничниот премин Табановце на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.

По примопредавањето на вакцините министерот за здравство Венко Филипче истакна дека денеска ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови.

– Вакцините се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија. Вакцините се развиени на безбедни платформи и со нив ќе го спречиме ширењето на Ковид-19. Македонскиот здравствен систем е целосно подготвен за имунизација на населението, информираа од Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев примопредавањето на првите вакцини од Србија го оцени како чин на огромна солидарност, пријателство и прва помош од братскиот српски народ кон македонскиот народ и искрен чин на пријателство.

- Иницијативата е на претседателот Вучиќ со кој редовно имаме комуникација и сакам да му се заблагодарам и на него и на премиерката Брнабиќ и на сите луѓе кои работеа сите овие денови. Веројатно првпат се случува да се добие една ваква согласност од „Фајзер“ која веројатно ќе значи многу помош насекаде во светот преку вакви акти на солидарност, рече Заев.

Ова, посочи, е првата пратка, а овие денови ќе стигнат и останатите вакцини.

- Многу е важно што првите вакцини  во нашата земја стигнаа токму од братска и пријателска Србија и што ќе ги покријат сите здравствени работници – лекари, медицински сестри и сите што работа во ковид центрите ширум земјава, додаде премиерот Заев.

Српскиот претседател Вучиќ посочи дека примопредавањето на вакцините можело да се случи и пред 10 дена, но имало многу проблеми со добивањето дозвола од „Фајзер“ заради многу строгите процедури и се заблагодари што конечно тоа им било овозможено.

– Примопредавањето мораше да се направи по неверојатно сложени процедури и среќен сум што ќе може да почне имунизацијата на граѓаните во Македонија и пред некои други земји во регионот и во овој дел од светот. Среќен сум што така можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Србија нема никакви други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и сите граѓани на Македонија, рече Вучиќ.

Тој истакна дека вистински пријател е тој што ќе ти се најде кога ти е тешко и кога си во неволја и кога ти е нешто потребно, а не кога секогаш е се лесно и убаво. – Сите се соочуваме со проблемот на коронавирусот и верувам дека овие вакцини ќе бидат доволни за најголемиот број лекари и медицински персонал. Со овие вакцини секако ќе спасите неколку животи, а секој живот за нас има најголема вредност, рече Вучиќ.

Според податоците од Министерството за здравство, во претходното деноноќие регистрирани се нови 180 случаи со Ковид-19, 13 починати и 206 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 97.052, бројот на оздравени пациенти е 87.652, на починати е 2.989, а на активни случаи изнесува 6.411 од кои 2893 се во Скопје.

На инфективните оддели во земјава се лекуваат 585 пациенти со Ковид-19 од кои 237 се во Скопје.