Македонија
27. January 2021 - 12:26

Огромна дупка се отвори на улицата пред МНР

Привремено е покриена дупката со размер од неколку метри, која синоќа се појави на пешачката патека пред Министерството за надворешни работи. Пропаѓањето на асфалтот во центарот на Скопје се случува по врнежливото време кое го зафати градот, а првична неофицијална причина за отворањето на дупката е надојдена вода.

Стравот за можно натамошно пропаѓање на улицата синоќа го затвори булеварот “Филип Втори Македонски”. Водата од дупката е испумпана, сообраќајот од изутрината е нормализиран, а местото е обезбедено за работа.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на својот ФБ објави видеа од пропаднатата патека и ја соопшти причината поради која настанала дупката.

„Дефект на водоводна цевка Ф 300 во непосредна близина на МНР. На лице место сме и интервенираме, за да избегнеме поголема хаварија на коловозот. Ве молам за внимание! Екипите на Водовод и Улици и Патишта вечерва ќе работат на санација на дефектот“, напиша Шилегов.

Самото место изутрината го посетија тим од “Улици и Патишта”, кои потврдија дека надојдена вода ја предизвикала дупката од неколку метри.

На булеварот можеа да се забележат и пукнатини на асфалтот, но не се знае дали се појавени по пропаѓањето на пешачката патека. Нејасно е и дали за појавувањето на неколкуметарската дупка влијание имаат и градежните активности кои се одвиваат во близина.