Македонија
13. December 2020 - 20:01

100 дена Влада - отчет утре, средби викендов

Владата утре ќе даде отчет за се она што го сработила во првите 100 дена. На настанот ќе се обрати премиерот Заев и сите потпретседатели во Владата, Никола Димитров, Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи. Настанот 100 дена Влада се организира по тридневниот молк поради локалните избори во Штип. Инаку изминативе денови премиерот Заев се сретна со лидерот на ДУИ Ахмети и останатите коалициски партнери.

По средбата Заев оцени дека Владата е стабилна.

Имаме Влада на граѓаните, стабилна, бидејќи се потпира на здрави вредности, на грижа за другиот, на разбирање и поддршка во тешки моменти. Имаме Влада која е сериозно посветена на правната држава, на економијата и на справувањето со пандемијата, напиша  Заев на својот профил на Фејсбук.

Тој му искажа благодарност на Ахмети за подршката во процесот на преговорите со Бугарија.

Ахмети по средбата на својот Фејсбук напиша дека напорите на коалицијата треба да продолжат и да останат во иста насока, а тоа е поддршката на граѓаните и меѓународната заедница.

Грижата за јавното здравје и борбата со Ковид-19, помошта за економијата, поддршката за претпријатијата и платите на работниците, меѓувладината конференција со Европската Унија и контекстот со Договорот за добрососедство, беа главните теми кои ги дискутиравме заедно, напиша Ахмети.

Во изминатиов период фокусот на Владата беше во справување со Ковид кризата,  но исто така и во прегпворите со Бугарија во обид да добиеме датум за преговори со Унијата до крајот на годината.

Опозицијата веќе оцени дека ова се најлошите 100 дена на една Влада во историјата на земјава и побараа оставка од Заев и формирање на влада за национален спас.