Банкарскиот систем стабилен и сигурен, „Еуростандард“ изолиран случај
Банкарскиот систем останува стабилен и сигурен. Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје е изолиран случај, којшто нема влијание врз другите банки во системот, порачаа вчера од Народна банка.
Оттаму апелираат, одлуките на Народна банка да не се ставаат во политички контексти.
– Народната банка е институција со уставно и законски гарантирана самостојност и независност, којашто при остварување на своите законски утврдени цели и задачи се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните, се вели во соопштението од Кабинетот на гувернерката на Народната банка.
Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска за МИА вчера изјави дека отпорноста на банкарскиот систем се потврдува, како што вели, и во овој период, во којшто економијата е под влијание на здравствената криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
– Пресекот на состојбите кај банките со крајот на првото полугодие од оваа година покажува дека тие и покрај зголемената неизвесност во глобалната и домашната економија, остварија солидни резултати, нагласува гувернерката за МИА.
Инаку, како што пред неколку дена соопштија од Народната банка, капиталот на банките дополнително зајакна во првите шест месеци од оваа година.
И најновите податоци за кредитниот раст коишто ги објави Народната банка, потврдуваат дека непречената кредитна поддршка за економијата продолжи и во текот на корона-кризата.
Од Народна банка посочија дека депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а дека банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите.
Претходникот на Ангеловска-Бежоска, Димитар Богов вчера во изјава за МИА рече дека гувернерката ја донела единствената исправна одлука за „Еуростандард банка“ во дадената ситуација. Кога би бил на нејзиното место и тој истото би го сторил.
Знаејќи ја ситуацијата во „Еуростандард банка“ во изминатите години, вели тој, јасно е дека Народната банка ги исцрпи сите можности за подобрување на состојбата во Банката.
– Со одземањето на дозволата за работење на „Еуростандард банка“, всушност ќе зајакне стабилноста на банкарскиот систем, бидејќи се отстрани единствената слаба алка во системот. Сите останати банки работат профитабилно и имаат ниво на капитал далеку над законскиот минимум, изјави претходникот на Ангеловска-Бежоска.
Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера ги демантираше информациите кои се пласираа во врска со повлекување на нејзините средства од „Еуростандард банка“, која е ставена во стечај, нагласувајќи дека не е точна ни сумата која се наведува во текстовите.
– Уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд, истакна Ангеловска.
Таа посочи дека целосно е неточна информацијата дека нејзините средства ги префрлила во други банки или дека ги повлекла.
– Вистината е дека пред стапување на функцијата – Министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија, образложи министерката.
Таа потенцираше дека Министерството за финансии нема надлежности над основањето и работењето на банките, ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка и дека надлежна е Народната банка.
Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ вчера, пак, изјави дека секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и има изневерени штедачи.
Таа рече дека сопственикот на „Еуростандард“ кажал дека било побарано од НБРМ воведување администрација, можност која ја дава Законот за банки и членот 135, односно банките со проблематични пласмани да бидат директно контролирани од НБРМ со цел да ја пребродат кризата.
-Таквиот план според изјава на сопствеништвото на банката бил одбиен од НБРМ, со што уште повеќе се зголемуваат сомнежите дека зад пропаѓањето на банката има скриени бизнис мотиви и на тоа се работело подолг период. Со ова се забрзало пропаѓањето на банката, изјави Димитриеска Кочоска.
Се огласи и поранешниот претседател на Управниот одбор на „Еуростандард банка“ Николче Петкоски, кого Трифун Костовски јавно го обвини за пропаѓање на банката. Тој вчера побара јавно извинување за како што рече, изречените невистини или ќе се обрати до соодветните институции за заштита на неговите права и углед. Тој тврди дека е неосновано обвинет бидејќи во Надзорниот и Кредитниот одбор на банката биле Трифун Костовски и неговиот син Коста Костовски кои биле целосно информирани за сите одлуки на раководството на банката.
-Костовски наместо да бараат други виновници, треба да се позанимаваат со себеси. Да се ангажирале толку колку што требало за банката и да го почитувале она што од нив како акционери го барала Народната банка, состојбата денес ќе беше сосем различна. Денешната ситуација во која се наоѓа банката е само поради тоа што акционерите не биле способни како сопственици да ја следат банката во нејзиниот раст, вели Петкоски.
Инаку, пред пет дена Народната банка и ја укина дозволата за работа на „Еуростандард банка“ и најави дека за неа од судот ќе побара стечајна постапка. Од Народна банка рекоа дека биле направени максимални напори за да не се затвори банката, но кредитните загуби биле големи.
Од Фондот на ПИОСМ пред четири дена соопштија дека сите корисници на пензија на кои им се врши исплата на пензијата на трансакциските сметки во Еуростандард банка АД Скопје, најдоцна до 21 месецов треба да достават известување до банката преку која што би сакале понатаму да им се врши исплата на пензијата.
Ново на Сител
-
Изгаснат пожарот во депото на „Македонски железници-Транспорт“, скопските пожарникари интервенирале и на друг поголем пожар
-
Спасен давеник кој паднал од чамец во Дојранско езеро
-
Формиран Советот за култура, стручно и советодавно тело на министерот за култура и туризам
-
Пронајдена златна маска на приватен имот во Охрид | ФОТО
-
По изборот на Трамп, Техеран се надева дека САД ќе ги преиспитаат „погрешните пристапи од минатото“
-
Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока
-
Дел од Општина Карпош без вода
-
Приведени двајца криумчари на мигранти