Македонија
6. July 2019 - 16:15

М-НАВ: Безбедноста на македонското небо е на највисоко ниво

М- НАВ се закани со тужби против сите кои го нарушиле или ќе го нарушат  нивниот углед и ќе бараат надомест доколку претрпат штета. Од компанијата испратија писмена реакција по објавените информации и аудио разговори за проблеми во радарскиот систем и тендерската постапка која ја воделе за нов АТМ систем.

  „ М-НАВ ќе ги употреби сите законски средства и ќе преземе соодветни мерки против сите лица кои го нарушиле или ќе го нарушат угледот и реномето на компанијата во меѓународната и домашната јавност, во најзначајните моменти за евроинтеграциските процеси на нашата држава.“

За скандалозната аудио снимка од која се слуша како генсекот на Влада зборува  за тендерот со М- НАВ и Леонардо велат дека е исечок со кој јавноста е доведена во заблуда. На состанокот се разговарало по три точки претходно договорени, за надградба на постоечкиот Леонардо АТМ систем, одржување на Радарот од Леонардо и за статуст на новиот АТМ систем на барање на компанијата Леонардо. Во реакцијата велат набавката на системот е водена согласно политиките и правилата на ЕБОР и е започната во 2013г а во процесот учествувале и независни консултанти од Франција и Еуроконтрол.

Целокупната понудата од датумот на поднесување на евалуациониот извештај од страна на евалуациониот тим на ден 25.05.2017, до датумот на потпишување на договорот на ден 14.12.2018, е непроменета.

Од М-НАВ  тврдат дека безбедноста на воздушната пловидба е на највисоко ниво.  За губењето на радарската снимка минатиот септември, велат проблемот се случил поради непостапување согласно протоколот за системско тестирање и процедури за системска интеграција од страна на учесниците во него. За настанот веднаш ја информирале Владата, АЦВ и Комитетот за истражување несреќи и инциденти, веќе има заклучоци и постапуваат по истите.

-Сакаме да напоменеме дека контролорите на летање кои биле на должност тој ден, како и техничкиот персонал кој бил повикан да интервенира, доследно интервенирале следејќи ги процедурите за вакви настани, за што и соодветно се обучени, при што ситуацијата била успешно надмината за релативно кратко време. велат од Македонска Навигација.