Другарка на Фросина со потресен статус до обвинетиот и судиите
Во потресен „Фејсбук“ статус, другарката на Фросина Цековска, девојчето кое беше прегазено кај Универзална сала пред 4 години, им се обраќа на обвинетиот Љубиша Видојковиќ и судиите кои ја намалија неговата казна за тешката сообраќајна несреќа.
–Нејзиното тело фрлено 20 метри од пешачкиот премин, а ти кој ти ја намалија казната ја оставаш да умира на ладниот асвалт и заминуваш, со помислата дека твојот другар имал исечоци на лицето од испуканото стакло, па другар ти те убедува дека сте направиле голема беља, но не, не се враќате назад, туку продолжувате. Хм, па зарем човек убивте?
И додека ти помислуваш на твојот другар кој денес е жив и здрав, јас го добивам повикот дека мојата другарка е прегазена и мртва. Додека твојот другар доаѓаше на секое твое судење, јас мојата другарка ја гледав на сликата која мајка и на секое судење ја држеше в раце и ја топеше со солзи.
Се сеќавам на првото судење, кога сеуште не знаев ни како изгледаш, се молев пред судницата да не си си ти оној кој ќе седне на обвинетото столче, гледајќи те претходно како без срам стоиш пред сите нас, без ниту малку совест, смеејќи се со другарот твој и твојата одбрана.
,,Не, не може да е овој” – си реков, а тогаш ти седна на обвинетото столче, а јас останав вчудоневидена. Знаеш, претходно една година, пред да започне судењето, не знаејќи го твојот лик, јас те гледав во секое момче низ улиците, низ автобусите.. Секогаш кога ќе видев некој на твојата возраст, се прашував: ,,Ова да не е тој?”.
Помина скоро една година од тој ден. Доаѓа денот кога започнува оваа голгота. Милион судења, милион различни изјави. Еднаш не се чувствуваш виновен, а на наредното држиш писмо во рацете велејќи како Фросина е ангел сега, а ти секогаш ќе го носиш товарот. Јас не ти верувам, ти немаш право да ја наречеш ангел.
Ти ја остави да умира во крв, ти ни на секунда не помисли ниту дали е жива, ниту дали е добро. Ти брутално ја прегази, а потоа го одмина нејзиното тело како да си прегазил дрво, а не човек. Па јас те прашувам како не ти е срам? Како можеше без ниту малку совест да ја гледаш мајка и во солзи на секое судење, како можеше да го гледаш татко и кој одвај успеваше да остане смирен. Постојано бараше одложување на судењата, во првото судење, на последното рочиште не се појави со изговорот дека претходната ноќ си бил на Галичник и ти се слошило. Додека тебе одмарајќи на Галичник ти се лоши, девојчето кое го прегази лежеше во својот вечен дом – само да те потсетам.
Бараш одложување поради тоа што не знаеш дали да ја признаеш вината или пак не и сето тоа без срам пред родителите нејзини. Па зарем човек си ти? Не ти си тој кој го уби нивниото дете, а стоиш пред нив без срам како да си им го убил кучето.
Фросина, замина. Ти ја уби! Зад себе остави родители и сестра којашто секогаш ќе ја памети оваа загуба како најголема, зошто ти и го одзеде правото сестра и пред четири години да ја види на нејзината полуматура, сега оваа година да се гордее на нејзиното матурирање и да и помогне во одбирањето на факултетот.
Ти ни го одзема правото на сите нас, да ја имаме блиску, затоа што Фросина беше човек, девојка која што сонуваше, девојка која со својата насмевка го носеше Сонцето во себе. Денес, Фросина ќе беше дипломиран инжинер, гордост на нејзините родители, а ти и го одзема тоа. Затоа јас никогаш нема да ти простам, а себеси нема да си простам што никогаш не успеав да соберам храбост да те прашам зошто ја остави на тој ладен асвалт и замина. Судот ти простил, но ти цел живот ќе ги носиш солзите на нејзината мајка на својот грб, не заборавај постои суд кој не заборава, суд во кој делото не застарува, суд кој не простува. Тој суд не можеш да го потплатиш, не можеш да го убедиш со тие лажни солзи. Ти уби човек.
Ти не застана.
Ти беше пијан.
Ти возеше пребрзо.
Ти денес си осуден на 3 годишна затворска казна.
Ти се шеташ слободно. А јас додека сама поминувам, те гледам како седиш и пиеш кафе со твоите другари, а мене ти ми го одзема тоа право. Денес јас сама пијам кафе додека гледам во сликата од нејзиниот гроб. А знаеш колку ми е тешко да ја напишам реченицава, а да не ја избришам по стоти пат? А случаите како овој на Фросина за жал се се почести во нашата држава, во кои неславни глумци, како ти глумаат fast&furious низ Скопските улици.
Ете толку вредеше тој младешки здив кој згасна таа ноќ, кога ти се реши да ја пробаш спортската кола на другарот твој. Ти го оствари твојот сон, како љубител на спортски коли, а го одзеде секој нејзин. А сега, кога ти ја намалија казната се надевам дека совеста ти е уште почиста. Браво.
Докажа, невин си. Но, лесно е да го обвиниш оној кој не е тука да се брани. Да браво, сигурно си горд на себе.
Ја истера правдината.
А зошто? Зошто ти ништо не стори, освен што уби 19 годишно девојче. А Вие, коишто ја донесовте оваа пресуда, ќе Ве прашам дали само 3 години вредеше животот на Фросина? Дали прогласувањето за виновен, со пресуда од 3 години, ќе ја избрише болката на нејзините родители? Ќе се врати ли некогаш тоа девојче коешто беше брутално прегазено и оставено во локви крв? Не, нема да се врати – јас ќе ви одговорам. Дадовте пресуда од 18години на луѓе коишто го удриле нашиот премиер.
Е да, Фросина не беше ниту пратеник, ниту премиер, Фросина беше девојче од 19 години, со соништа. Денес Фросина почива, но дали во мир? Нека Ви е на чест професијата и заклетвата која ја давате. Тој ја уби нејзе, а Вие ја убивте и таа надеж во срцата не нејзините кои веруваа во праведноста на нашата држава. А јас денес, Ви симнувам капа.
Ви благодарам што уште еднаш докажавте колку е вредна титулата која ја носите, Почитувани судии.
Ново на Сител
-
Груби ги демантираше наводите за неговата поврзаност со палењето на македонско знаме, побара јавно извинување
-
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови, најмногу дожд во Крушево
-
Русија со дронови ги нападна Киев и Херсон
-
Вучиќ: Имаме информации кој го извршил нападот, ова е вистинска хибридна војна против Србија
-
Протест во Нови Сад по еден месец од трагедијата на железничката станица
-
Една нерегистрирана училишна кујна, оштетени работните површини во четири училишни кујни
-
Девојки од Бразил се проституирале во Џевахир за 150 до 800 евра
-
Триесетина села во Пелагонија без струја