Македонија
11. April 2019 - 20:29

Силјановска Давкова во Центар: Правната држава ќе биде нашата заедничка партија

Кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова денеска во рамки на претседателската кампања се обрати пред граѓаните во Општина Центар.

Таа притоа посочи дека во моментов во земјава е укината поделбата на власта и оти тоа е нешто што треба да се промени.

– Ние немаме законодавна, извршна и судска власт. Ние немаме спреги и кочници. Сé е во рацете на една група на Илинденска и сé е во рацете на еден човек. Затоа зборуваме за филозофијата наречена заевизам, кажувам-заборавам-негирам. Мојата филозофија е и ќе биде тоа што ќе го кажам секогаш ќе го помнам и нема само да го помнам туку ќе го остварам, нагласи Силјановска Давкова.

Според неа, мора треба да се работи на демократска консолидација и на конечно излегување од транзицијата која 30 години ги држи закопани граѓаните.

– Во Македонија политичарите и менаџерите на оваа власт во 90-тите ги изедоа граѓаните и работниците. Преку ноќ се создаде една олигархиска група која не знае што да прави со парите и затоа е шокантно кога ќе се види како социјалдемократи се фалат со енормни богатства. За социјалдемократите социјалната држава треба да е најважната, а пирамидата во која денес живееме е преостра бидејќи на врвот има помалку од 10 отсто пребогати луѓе. Средниот слој, интелигенцијата ја нема бидејќи осиромаши. А, на дно се сите сиромашни. Затоа Македонија е на дно по сите економски параметри денес на Балканот. Тоа е срамно бидејќи се очекуваа реформи од влада која што се закити со придавката реформска, рече Силајновска Давкова, додавајќи дека единствена реформа што ја направи оваа власт за жал болната реформа на името.

Потенцира дека е неопходно и повторно воспоствување на Собранието во системот на власта.
 
-Собранието е место за жестока дебата, за спротивставени ставови, за градење консензус, но пратениците тие 81 само креваат раце за одлуки што веќе се донесени на друго место. Правната држава ќе биде нашата заедничка партија, зошто без правна држава не може да има демократија, истакна Силјановска Давкова.

Таа е среќна што, како што рече, расне нејзиниот процент на поддршка кај Албанците во Македонија, бидејќи на избори одат поединци, а тоа се нејзините бивши и сегашни студенти, тоа се тие на кои била ментор, наследници на нејзините побратимци од Кичево и знаат што е „беса“ и знаат да препознаат кој е нивен претседател.

На митингот пред граѓаните говореше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски, партија која и даде поддршка.

Тој побара граѓаните најправо да ја дадат довербата за професорката Силјановска Давкова на претседателските избори, за да може како што рече, на предвремените парламентарни избори да ја победат сегашната власт која не исполнила ниту едно од своите ветувања.

Македонија, според него, има потенцијал и тоа може да го покажеме доколку ни ја дадете довербата за која не се срамам и да замолам. Не чека, додаде, многу работа за да ја направиме Македонија повторно горда и да ја испратиме оваа власт во политичката историја.