Книжевни жезла на ДПМ за Цане Андреевски и Јован Зивлак
Наградата „Книжевно жезло“, која Друштвото на писателите на Македонија традиционално ја доделува за поетски опус со високи естетски дострели, ја добија македонскиот поет Цане Андреевски и српскиот поет Јован Зивлак. Одлуката едногласно ја донесе Претседателството на ДПМ на предлог на Организацискиот одбор на Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“.
Во соопштението за одлуката ДПМ наведува дека Цане Андреевски (1930) е поет чие творештво остави важен и препознатлив печат во развојните процеси на македонската книжевност.
- На литературната сцена е присутен цели шест децении при што значаен е неговиот влог во македонската поезија од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, со стихозбирките „Добрина“ и „Свечености“. Подоцна ги објави и поетските книги „Сребрен поток“, „Врски“ и „Дождот“. Автор е и на низа поетски и прозни книги за деца. Неговата поезија во одделни книги и во антологиски избори е преведена на дваесетина јазици. Во 1991 година ја објави познатата книга „Разговори со Конески“. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца на СВП и наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ. Бил уредник на списанијата „Млада литература“ и „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1957 година, информира македонската писателска асоцијација.
Српскиот поет Јован Зивлак (1947), пак, има опус од 12 поетски книги, меѓу кои: „Бродар“, „Вечерна школа“, „Триножник“, „Напев“, „Зимски извештај“ и „Остров“.
- Еден е од најпреведуваните српски поети. Добитник е на меѓународни и домашни признанија, меѓу кои наградите: „Васко Попа“, „Станислав Винавер“, „Душан Васиљев“ и „Октомвриска награда“. Живее и работи во Нови Сад. Бил долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Поља“, а потоа го оснива книжевниот гласник „Златна греда“, издание на Друштвото на писателите на Војводина. Како прв човек на издавачките куќи „Светови“ и „Адреса“ се залага за модерните и постмодерните книжевни тенденции и за книжевната теорија и филозофија, соопшти ДПМ.
Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на „Празникот на липите“, во јуни идната година. ДПМ ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, српски и на англиски јазик.
Ново на Сител
-
Во Белград и денеска блокади и протести поради трагедијата во Нови Сад
-
Трипуновски: Историски 500 денари за килограм тутун за прва класа
-
Слаб снег на Плетвар, магла на патот Тетово - Попова Шапка
-
Тешко повредени двајца градежни работници од Скопско
-
Македонија против Полска во баражот за пласман на СП 2025
-
Јаневска: Секој граѓанин треба да ги знае и почитува државните симболи
-
Уште еден случај на опожарено возило - овој пат во Ѓорче Петров
-
Околу 7.600 Сиријци се вратиле од Турција по падот на Асад пред една недела